Советниците од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија во Советот на Град Скопје поднесоа иницијатива за свикување вонредна седница за загадувањето во главниот град. На иницијативата поддршка дадоа и советниците од ДОМ и ЛДП.
Социјалдемократите предлагаат конкретни мерки кои, велат, имале за цел да се намали загадувањето.
Тие бараат итно зголемување на бројот на автобуси на сите линии во јавниот градски превоз, бесплатен превоз за сите граѓани во Скопје, зголемување на средствата за борба против загадувањето од градскиот Буџет, финансиска помош за училиштата за адаптирање на системот за затоплување на еколошки енергенси, изготвување акциски план за чистење на сите депонии во Скопје, миење на улиците и јавните површини со цистерни и безусловно интензивно постапување на инспекторите во вршењето на својата должност.
Одбивањето на иницијативата од страна на ВМРО-ДПМНЕ ја оценија како „доказ дека оваа партија мисли само на тендери и провизии“.
Советниците на СДСМ го повикаа претседателот на Советот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Трајко Славески, да ја прифати иницијативата и да закаже седница на која ќе се дискутира за енормното загадување што веќе со недели му се случува на главниот град.
„Енормното загадување е проблем за сите жители на Скопје, а усвојување на мерки за негово намалување треба да биде врвен приоритет за градска власт. ВМРО-ДПМНЕ, Левица и Данела Арсовска да не тераат инает, туку веднаш да преземат мерки за намалување на аерозагадувањето, затоа што кога станува збор за здравјето на сите граѓани, нема и не смее да има простор за каква било дневна политика“, се наведува во соопштението на СДСМ.







