Шест лица загинаа во Алабама и уште едно во Џорџија во силната бура што го зафати јужниот дел на САД, предизвикувајќи големо торнадо кое оштети десетици домови. Дванаесет лица се пренесени во болница, соопштија локалните власти.
Ерни Багет, директор за итни случаи во Аутауга, изјави дека меѓу 40 и 50 домови биле оштетени од екстремните временски услови, а торнадото било наречено „големо и исклучително опасно“.
Зафатени беа и имотите во градот Селма, силните ветрови урнаа ѕидови и покриви, а фотографиите го покажуваат обемот на уништувањето.
Поранешниот државен сенатор, Хенк Сандерс, рече дека има штета „по целиот“ град со околу 18.000 жители.
„Торнадото дефинитивно го оштети Селма.Ја погоди и мојата куќа, но не фронтално, туку ги разнесе прозорците од спалната и дневната соба.Дождот паѓаше низ покривот во кујната“.
Силниот ветер фрла автомобили и корне дрвја, а во градот на сила е полициски час.
Сепак, во Селма досега не е забележан смртен случај.
„Има повредени луѓе, но нема жртви“, изјави градоначалникот Џејмс Перкинс.
„Имаме многу урнати далноводи. Има многу опасности на улиците“, додаде.
Торнадото во Алабама беше едно од 33-те за кои Националната метеоролошка служба извести вчеравечер, а предупредувањата останаа на сила за Џорџија, Јужна Каролина и Северна Каролина во текот на ноќта.
„Ова е состојба опасна по живот. Веднаш засолнете се“, апелираше метеоролошката служба во врска со торнадото во Алабама.
Десетици илјади домови останаа без струја, вклучувајќи повеќе од 50.000 во Алабама и повеќе од 100.000 во Џорџија.







