Жителите на најголемиот град во Нов Зеланд, Аукленд, и околните подрачја се предупредени да се подготват за нови интензивни врнежи, поплави и екстремно силни ветрови, затоа што ураганот ‘Габриел’ се приближува до брегот на островската држава.
Ураганот моментално се наоѓа на околу 250 километри северозападно од Нов Зеланд, а матереолозите предвидуваат дека во следните 24 часа ќе се приближи до источниот брег.
„Очекуваме ураганот ‘Габриел’ да донесе дополнителна штета, пред да почне состојбата да се подобрува“, рече утринава заменичката на кризниот штаб на Аукленд, Рејчел Келехер.
Овој ураган е второто значајно временско нарушување што го погоди Аукленд и горниот дел на Северниот Остров за само неколку недели.
Во јануари, во и околу Аукленд паднаа обилни дождови, предизвикувајќи поплави во кои загинаа четири лица.
Денеска, многу училишта и владини институции во Аукленд и на други места во тој дел на Северниот Остров се затворени, а жителите се замолени да не тргнуваат на пат. Заради стравот од ‘Габриел’ прогласена е тревога од највисок степен. Околу 46.000 домаќинства се без струја.
Јавниот превоз е нередовен, а траектите, автобусите и возовите сообраќаат со намален интензитет. Националната авиокомпанија откажа 509 летови и најави дека авионите повторно ќе полетаат утре, кога се очекува смирување на времето.
Новозеландскиот премиер Крис Хипкинс денеска објави дека околу 7,25 милиони американски долари ќе бидат потрошени за поддршка на народните кујни и за другите погодени од поплавите.
(Фото: АФП)







