Два холандски борбени авиони „Ф-35“ пресретнаа формација од три руски воени авиони во близина на Полска и ги изведоа надвор, соопшти холандското Министерство за одбрана вчера доцна вечерта.
„Непознато летало од правец на Калининград се приближи до полското подрачје што е на одговорност на НАТО“, се вели во соопштението на министерството.
Калининград е руска енклава на балтичкиот брег, сместена помеѓу членките на НАТО и Европската унија, Полска и Литванија.
„После идентификацијата, се покажа дека станува збор за три авиони: руски ИЛ-20М кој беше придружуван од два Су-27. Холандските Ф-35 ја пресретнаа формацијата, ја следеа извесно време и им ја предадоа придружбата на партнерите од НАТО“, се наведува, меѓу другото, во соопштението.
ИЛ-20М КОТ-А (Coot-A) е НАТО назив за рускиот извидувачки авион Иљушин, додека СУ-27 Flankers е ознака за борбен авион Сухој.
Руското Министерство за одбрана не одговори веднаш на барањето на медиумите за коментар.
Холандското Министерство за одбрана објави дека осум холандски авиони Ф-35 биле стационирани во Полска во февруари и март минатата година.
(Фото: Илустрација)







