Донесувањето на уставните измени е неопходен предуслов за Македонија да продолжи во следната фаза на процесот на евроинтеграции. Затоа, вели претседателката на Словенија, Наташа Пирц Мусар, е потребно да се изгради внатрешен политички и меѓупартиски консензус за негово успешно спроведување. Таа денеска оствари средба со претседателот на македонското Собрание, Талат Џафери, кој е во официјалната посета на Љубљана.
Во однос на уставните измени, Џафери апелирал за обезбедување на гаранции од страна на земјите членки дека по нивното донесување, преговорите за членство ќе се водат исклучиво согласно критериумите на претходните земји кандидати и со почитување на општо прифатените европски вредности на кои се темели Европската унија.
На средабата словенечката претседателка потенцирала дека меѓу приоритетите во текот на нејзиниот мандат е продолжување со процесот Брдо-Бриони, особено заради перспективата на Западен Балкан како важна стратешка одлука за безбедноста, стабилноста и иднината на Унијата.
Во тој контекст, посочила Пирц Мусар, се предлагала извесна промена на пристапот со вклучување на младите за нивна поголема регионална интеграција и соработка, што би придонесло за надминување на национализмот, предрасудите, популизмот, но и заради нивното значително иселување во последната деценија.
Упатувајќи и честитки за изборот на функцијата, Џафери изразил поддршка на иницираните предлози, со укажување дека за спречување на процесот на одлив на млади луѓе од регионот, вклучително и од Македонија, потребно е забрзување на евроинтеграцискиот процес со реализација на предвидените реформи, но и подобрување на економската состојба во земјата, обезбедување на нови работни места со соодветни примања, за младите лица да можат да останат дома и да придонесуваат во општествениот живот во земјата.
Пирц Мусар пројавила интерес и за моменталниот статус на односите меѓу Македонија и Бугарија и за тековниот скрининг и усогласеноста на домашното законодавство со тоа на Европската унија.
Во рамки на посетата на Словенија, Џафери, вчера, оствари средби со неговата колешка, претседателката на словачкиот Државен збор, Уршка Клакочар Зупанчич, со координаторите на пратеничките групи во Државниот збор, како и со членовите на Комисијата за европски прашања и Комисијата за надворешна политика.







