Италијанската премиерка Џорџиа Мелони утре патува за Киев за да го посети украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Мелони, која стана премиерка во октомври, рече дека има намера да го посети Киев пред 24 февруари, првата годишнина од почетокот на инвазијата на Русија врз Украина.
И покрај несогласувањата во десничарската владеачка коалиција за ова прашање и поделеното јавно мислење, Мелони цврсто ја поддржува Украина.
Поранешниот премиер, Силвио Берлускони, лидер на конзервативната партија „Форца Италија“, која е членка на коалицијата на власт, минатата недела рече дека кога тој би бил премиер, не би се сретнал со Зеленски, затоа што го смета за виновен за војната со Русија.
Берлускони во повеќе наврати се фалеше со пријателството со рускиот претседател, Владимир Путин, пред неговата инвазија на Украина, а минатиот септември предизвика контроверзии велејќи дека Путин бил принуден на војна и дека сакал на чело на Киев да постави „пристојни луѓе“.
Неколку дена после таа изјава, демохристијанската Европска народна партија (ЕПП) одлучи да ја откаже средбата во Италија.
Кабинетот на премиерката Мелони, по изјавата на партнерот во владата, објави дека поддршката на италијанската влада за Украина е „цврста и одлучна, како што е јасно наведено во програмата и потврдено во сите гласања на парламентарното мнозинство“.
Италија и Франција неодамна ги завршија преговорите за испорака на напреден систем за противвоздушна одбрана на Киев на пролет.
(Фото: АФП / Џон Тјус)







