Полската владејачка партија Право и правда (ПиС) се најде на мета на критики поради смртта на 15-годишниот син на пратеничка од опозицијата, кој изврши самоубиство после објавувањето на извештајот во кој е идентификуван како жртва на педофил.
Полскиот парламент во вторникот одржа едноминутно молчење за Миколај Филикс, за време на неговиот погреб.
Неговата мајка, Магдалена Филикс, пратеник од најголемата полска опозициска партија Граѓанска платформа, рече дека тој починал на 17 февруари.
Погребот се одржа во вторникот во Шчечин, нејзиниот роден град, еден ден пред Миколај да наполни 16 години.
Тинејџерот си го одзел животот неколку недели откако Радио Шчечин, дел од државната полска радио мрежа, во извештај откри детали за жртвите на осуден педофил.
Неговото име не било објавено, но биле дадени доволно детали за јавноста да може да го препознае.
Магдалена Филикс не изнесе детали за смртта на синот, но побара од медиумите да ја почитуваат приватноста на нејзиното семејство и да се држат настрана од погребот на нејзиното дете, кого го нарекла со прекарот Мики.
Радио Шчечин во декември ја откри и возраста на малтретираните малолетници и фактот дека едно од нив е дете на пратеник.
Објавија и дека осудениот педофил, чие судење се одржа зад затворени врати за да се заштитат жртвите, бил поранешен член на Граѓанската платформа и кандидат на изборите и ЛГБТ активист.
Оваа приказна, која нашироко ја пренесуваа другите државни медиуми, предизвика ужас и гнев кај претставниците на опозицијата во Полска, а поддржувачите на опозицијата тврдат дека национално-конзервативната владејачка партија ПиС ја оркестрирала приказната за политичка корист и е барем делумно одговорна за смртта.
Право и правда цврсто ги контролира полските медиуми и водат кампања против ЛГБТ правата.
Приврзаниците на ПиС, пак, од друга страна, сугерираат дека Граѓанска платформа намерно ја прикрила првобитната пресуда за злоставување.
Доналд Туск, поранешниот полски премиер и шеф на Европскиот совет, на Твитер изнесе ветување дека „ќе ја повика владејачката партија на одговорност за секое злосторство, за сите човечки штети и трагедии што ги предизвикаа додека беа на власт“.
Радослав Сикорски, полски пратеник во Европскиот парламент и поранешен владин министер, рече дека случајот го покажува степенот на соработка меѓу обвинителите и медиумите управувани од ПиС, додавајќи дека таквите операции биле „планирани… и рутински се користат за уништување на политичките ривали“.
Шимон Холовнија, шеф на опозициската партија Полска 2050, рече дека „нема зборови што можат да донесат утеха“.
„Никој да не се сомнева дека ќе дојде време на пресметка за оние чии зборови носат смрт“, предупреди тој.
Томаш Дуклановски, новинарот кој ја објави приказната, наводно рекол дека тоа го направил за да покаже дека не е само Католичката црква таа која прикрива злоставување на деца.
„Гардијан“ пишува дека ПиС почнале да преземаат директна контрола врз државните медиуми во Полска веднаш после победата на изборите во 2015 година, а во бројни меѓународни извештаи оттогаш се тврди дека државната телевизија и радиото станаа гласноговорници на владината пропаганда.
Поддржувачите на власта ја обвинија опозицијата дека ја исценирале трагедијата.
Министерот за образование Пшемислав Чарнек на државната телевизија ТВП рече дека е лошо за општеството што случајот не бил пријавен порано.
„Истите луѓе кои толку гласно викаат за борбата против педофилијата кријат педофили во своите редови“, рече Чарнек.
Во тек е истрагата за смртта, а Националниот совет за радиодифузија покрена своја истрага за да се утврди дали станицата емитувала содржини што овозможувале препознавање на децата жртви, со што сериозно ја загрозиле нивната благосостојба.







