Каталонската европратеничка Клара Понсати (66), по која беше распишана потерница во Шпанија поради организирање референдум за независност во 2017 година, беше уапсена вчера во Барселона, каде претходно истиот ден дошла со автомобил од соседна Франција.
Понсати во последните пет години живееше во Шкотска и Белгија.
Откако со автомобил ја минала француско-шпанската граница, каде што нема полиција бидејќи двете земји се во Шенген зоната, Понсати продолжила кон Барселона, каде што во центарот на градот, во просториите на здружението на каталонските новинари, одржа прес-конференција.
Истакна дека не се вратила во Каталонија, првпат по неуспешниот обид за независност, за да се смири со државата Шпанија, туку да го покаже своето лице, а каталонските институции ги прозва заради пасивност кога „станува збор за систематско кршење на правата на Каталонците“.
Додаде и дека сака да ја осуди Европската унија, која „ја врти главата од каталонското прашање“.
Понсати од 2018 година предава економија на универзитет во Шкотска, а од 2020 година е член на Европскиот парламент.
Каталонската полиција ја приведе на улица, додека се шеташе во придружба на адвокат, врз основа на налог за апсење издаден од Врховниот суд во Мадрид.
Во тој суд им се судеше на другите организатори на референдумот за независност на Каталонија.
Во времето на референдумот, Понсати беше задолжен за образованието во каталонската влада.
Шпанскиот министер за внатрешни работи, Фернандо Гранде-Марласка, вчера во Мадрид, при излегување од парламентот, на новинарите им изјави дека судот ќе одлучи за понатамошните чекори.
„Ќе видиме како Врховниот суд ќе го третира моето враќање“, рече Понсати пред да биде приведена. „Се уште е неизвесно што ќе се случи“, додаде таа.
Понсати одлучи да се врати два месеца откако шпанскиот Врховен суд, по реформата на законот, ја отфрли точката од обвинението која вклучуваше бунт.
Таа сега е обвинета за непослушност затоа што, додека била член на регионалната влада, не ја почитувала наредбата на Уставниот суд кој барал да се запре организирањето на референдумот.
Понсати е една од петтемина заговорници за независност на Каталонија кои странските земји одбија да ги екстрадираат во Шпанија.
Поранешниот претседател на каталонската влада, Карлос Пучдемон, кој е исто така пратеник во Европскиот парламент, се уште се наоѓа во Белгија.
Тие прогласија независна република Каталонија, но таа независност не беше спроведена.
После референдумот, шпанската влада привремено презеде директна контрола над Каталонија, а пет членови на каталонската влада заминаа во странство, каде продолжија со политички барања за организирање нов договорен референдум.
Каталонија, автономна покраина со 7,5 милиони жители на североисток на Шпанија, има своја влада, парламент и полиција, а жителите, според последните анкети се поделени околу целосната независност.
Неодамна дојде до раскол во движењето за независност. Пуџдемон се залага за спроведување на прогласената независност, додека актуелниот претседател на каталонската влада, Пере Арагонес, тврди дека е потребно да се разговара со шпанската влада.
Шпанската влада предводена од премиерот Педро Санчез повторува дека референдумот за независност не е во согласност со уставот на Шпанија.
(Фото: АФП / Џозеп Лаго)







