Берлинските пожарникари имаа необична интервенција во вторникот вечерта.
Еден од станарите на петкатница во улицата „Максштрасе“, во квартот Берлин-Вединг, повикал полиција, пожарникари и итна медицинска помош, затоа што слушнал лелек во зградата.
Мислел, како и пожарникарите кои пристигнале на пријавената адреса, дека се работи за несреќен случај во еден од становите на горниот дел од зградата.
Но, тоа не било така. Според портпаролот на пожарникарите, при прегледот на „сомнителниот“ стан не нашле никого, а тогаш еден пожарникар решил да ѕирне во оџакот. Ја вклучил батериската ламба и светнал во него. Таму, меѓу четвртиот и петтиот кат, здогледале машко лице.
За да го извлечат од оџакот, пожарникарите направиле поголема дупка во ѕидот. Кога успеале да го извадат целосно прекриен со прашина, констатирале дека мажот е посериозно повреден, па на местото на настанот му била укажана прва медицинска помош, а потоа е префрлен во болница на лекување.
Целата интервенција траела цел час, а што правел човекот на покривот и како паднал во отворот на оџакот засега не се знае.
Меѓутоа, според пишувањето на германските медиуми, наводно тој бил под дејство на опојни дроги.
(Фото: Илустрација / АФП)







