На поранешниот француски претседател, Николас Саркози, денеска му беше отфрлена жалбата против пресудата од 2021 година за корупција и злоупотреба на влијание.
Апелацискот суд во Париз му ја потврди казната од три години затвор, од кои две се условни.
Судот одлучи Саркози да може да носи електронска нараквица наместо да помине една година во затвор.
Мандатот на Саркози (68) траеше од 2007 до 2012 година. Беше вплеткан во правни проблеми откако ја напушти функцијата.
Во март 2021 година, беше осуден на три години затвор, од кои две се условни, а една во домашен притвор со електронска нараквица, за корупција и трговија со влијание преку тајна телефонска линија што беше откриена со прислушување.
Судот утврди дека Саркози и неговиот поранешен адвокат, Тиери Херцог, склучиле „корупциски пакт“ со судијата Жилберт Азиберт за да добијат и споделат информации за правна истрага.
Истражителите прислушкувале две службени телефонски линии на Саркози, а во 2014 година откриле трета, неслужбена, под името „Пол Бизмут“, преку која тој комуницирал со Херцог.
Содржината на овие телефонски повици доведе до пресуда за корупција во 2021 година. Саркози ги негираше обвиненијата и веднаш поднесе жалба на пресудата.
Неговите разговори со Херцог сега за првпат се слушнаа пред судот и беа клучни за денешната пресуда.
Обвинителите побараа три години условна казна за Саркози, Херцог и Азиберт.
Побараа, исто така, Саркози и 76-годишниот Азиберт да бидат суспендирани од јавните должности, а на 67-годишниот Херцог да му биде забрането да работи како адвокат, во период од пет години.
Уште два случаја
Таканаречениот случај „Бизмут“ е само еден од неколкуте што се водат против Саркози, кој додека беше на функцијата беше нарекуван „хипер претседател“.
Во ноември Саркози се соочува со жалбена постапка за случајот „Бигмалион“, во кој со првостепена пресуда е осуден на една година затвор.
Обвинителите го обвинија тимот на Саркози дека потрошил речиси двојно повеќе од законското ограничување на неговата раскошна кампања за реизбор во 2012 година, користејќи лажни фактури од фирмата за односи со јавноста „Бигмалион“. Тој ја негира вината.
Француските обвинители побараа да му се суди поради, наводно, либиско финансирање на неговата изборна кампања во 2007 година. Изјавија дека Саркози и 12 други лица треба да се соочат со судење дека барале милиони евра од тогашниот либиски водач Моамер Ел Гадафи за наводната победничка кампања на Саркози.
Саркози е обвинет за корупција, незаконско финансирање на кампања и прикривање на проневера на јавни средства, но секогаш ги негираше сите обвиненија.
Истражните судии мора да одлучат дали судењето ќе се одржи или не.
И покрај сите правни проблеми, Саркози и понатаму ужива значително влијание и популарност на десничарскиот спектар на француската политика и неговото мислење го почитува францускиот претседател Емануел Макрон.
(Фото: АФП)







