Руското дуо познато по шегите на сметка на познатите личности изјави дека го принудиле Хенри Кисинџер да ги открие своите размислувања за саботажата на гасоводот „Северен тек“ во септември минатата година.
Стогодишниот државник, кој беше државен секретар на САД во периодот од 1973 до 1977 година и поранешен советник за национална безбедност на САД, стана последната личност која е измамена од двојката позната како Вован и Лексус, објавија руските медиуми.
Владимир Кузњецов и Алексеј Столјаров и претходно стасуваа на насловните страници заради шегите со луѓе од висок профил како што се музичарот Елтон Џон, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и поранешниот американски претседател Џорџ В. Буш.
Во нивната последна измама, на Кисинџер му се претставија како украинскиот претседател Володимир Зеленски.
На видеото се гледа како Кисинџер го прашуваат за тоа кој, според него, стои зад саботажата на гасоводот „Северен тек“ со кој се транспортира гас меѓу Русија и Германија.
„Искрено мислев дека тоа го направивте вие, Украинците“, вели Кисинџер. Еден од нив тогаш одговара: “Навистина? Навистина мислевте дека сме ние?! Не, не, не сме…”.
https://youtu.be/z6gvlpoczhc
Кисинџер потоа вели: „Но, јас не ве обвинував“, сугерирајќи дека не мислел на тоа забелешката да служи како критика.
Видеозаписот не е независно потврден, а „Њусвик“ контактирал со Хенри Кисинџер и украинското Министерство за надворешни работи за коментар.
Да потсетиме, по експлозијата на „Северен тек“ некои претпоставуваа дека зад нападот стојат Соединетите Американски Држави. Други, пак, го вперија прстот кон Москва. Украина во март 2023 година, негираше вмешаност во инцидентот.
Во извештај на „Њујорк тајмс“ беа цитирани американски разузнавачки служби кои сугерираат дека за тоа е виновна е проукраинска група, која не е нужно поврзана со Зеленски.
Кисинџер и претходно ја коментираше војната во Украина, велејќи за „Економист“ во мај годинава дека НАТО треба да ја направи Украина членка, и покрај предупредувањата на рускиот лидер Владимир Путин, заради, како што истакна, „безбедноста на Европа“.
(Фото: Профимедиа)







