Американскиот претседател Џо Бајден изјави дека ќе отпатува на Хаваите „што е можно побрзо“, по критиките на сметка на неговата реакција за смртоносните шумски пожари на островот во кои загинаа повеќе од 100 лица, објави денеска Би-Би-Си.
Говорејќи вчера во Милвоки, Бајден рече дека сака да се осигура дека луѓето во државата имаат „сè што им треба“.
Бројот на загинати во пожарите сега е 101, додека околу 1.300 лица се водат како исчезнати.
Жителите на Хаваи се пожалија на брзината на одговорот на федералната влада на катастрофата.
Американскиот претседател вчера рече дека сè уште не ги посетил Хаваи поради загриженост дека тоа ќе го оттргне вниманието од хуманитарниот одговор.
Џил Бајден ќе го придружува на Хаваи, додаде тој.
„Не сакам да пречам. Сум бил во премногу подрачја зафатени од катастрофата.
Сакам да бидам сигурен дека нема да ги нарушиме тековните напори за закрепнување“, рече Бајден.
Повеќе од 500 лица федерален персонал за итни случаи досега се испратени да помогнат, вклучувајќи и 150 специјалисти за пребарување и спасување.
Се слушаат критики дека на почетокот на пожарот не се огласиле сирените за тревога, а се приговара и дека наредбата за евакуацијата можеби била дадена предоцна.
(Фото: АФП / Јуки Ивамура)







