Европската комисија именуваше шест технолошки гиганти за „контролори за пристап“ до дигиталните пазари и им даде шест месеци да се прилагодат на новите правила.
Првите шест именувани фирми се Алфабет, Амазон, Епл, БајтДенс, Мета и Мајкрософт.
Ако овие шест компании, главно американски и една кинеска, до март следната година не го усогласат своето работење со европскиот Акт за дигитални пазари (ДМА), ќе се соочат со парична казна до десет отсто од вкупниот глобален годишен промет на фирмата или Комисијата ќе ги присили да ја продадат фирмата, или нејзините делови.
Теоретски, Мајкрософт во случај на непочитување на правилата би можел да и плати на Европската унија до 21 милијарда долари, а Амазон околу 53 милијарди долари.
Но, не се знае точно како ќе се применува новата регулатива, ниту како казнувањето ќе функционира во пракса, поради што критичарите ги предупредуваат пратениците дека нивното предвремено радување може да им се скрши од глава.
Актот е список на дозволени и забранети деловни практики до кои што контролорите за пристап треба да се придржуваат додека работат на дигиталните пазари.
На пример, на дигиталните платформи кои Комисијата ги именуваше како контролори на пристап повеќе нема да смеат да даваат предност на своите услуги или да ги спречуваат корисниците да бришат претходно инсталиран софтвер или апликации.
Тоа значи дека Гугл нема да смее да ја злоупотребува својата позиција со наметнување неправедни услови на сопствената продавница за апликации или спречување на инсталирање апликации од други извори.
Европската унија веќе обезбедува праведно пазарно натпреварување со помош на противмонополски правила, додека со ДМА се настојува да се осигура дека дигиталните пазари се праведни и конкурентни.
Актот во теоријата треба да обезбеди повеќе иновации, повисок квалитет и пониски цени бидејќи ќе создаде средина во која корисникот ќе има поголем избор на дигитални услуги, а малите компании ќе имаат повеќе можности да допрат до потрошувачите.
Комисијата ги дефинираше надзорниците за пристап до дигиталните пазари како компании кои пружаат услуги за повеќе од 45 милиони месечно активни корисници и остваруваат одреден годишен приход во европскиот економски простор, односно пружаат услуги во најмалку три земји-членки на Унијата.
Комисијата потоа утврди вкупно 22 платформски услуги кои ги пружаат контролорите за пристап, а на кои ќе се применуваат правилата.
Некои од најзначајните се Јутјуб, Гугл срч, Хром, Гугл мапс, Гугл Плеј, Сафари, Тик Ток, Фејсбук, Инстаграм, Ватсап и Виндоус.
Интересно е што иМесиџ на Епл, пребарувачот Бинг на Мајкрософт и прелистувачот Едге немаат статус на надзорник за пристап откако двете компании се пожалија, а Комисијата спроведе четири дополнителни пазарни студии и конечно донесе исклучок за овие услуги.
Ќе биде интересно да се види како точно ќе функционира спроведувањето на новите правила во пракса.
ЕУ досега пазарите ги регулираше со екс-пост антимонополски истраги (откако ќе се случи прекршување), а сега треба да спроведе екс-анти надзор (претходна контрола) и да осмуслува превентивни мерки.
Добра работа е што ЕУ на тој начин може да се растерети од класичните истраги за пазарна конкуренција, под претпоставка да се покаже како проактивна во спречувањето на нечесните деловни однесувања.
Технолошките гиганти најверојатно ќе се жалат на именувањата и ќе бараат нови исклучоци од правилата.
Комисијата мора на секои три години да ја проверува својата листа за да види дали платформите сè уште ги исполнуваат условите, што значи дека во иднина на листата можат да се најдат и некои нови дигитални гиганти.







