Партиите на Христијанско-демократската унија (ЦДУ/ЦСУ) ја задржаа власта на вчера одржаните избори во сојузните покраини Баварија и Хесен, владините партии на Олаф Шолц претрпеа загуби, додека десничарската популистичка Алтернатива за Германија (АфД) оствари значителен пораст на гласовите.
Христијанско-социјалната унија (ЦСУ), која во Баварија ја претставува демохристијанската опција, освои, според првите проценки врз основа на екстраполација, 36,9 отсто од гласовите, што е нешто пониско од последните избори кога ЦСУ го постигна најслабиот резултат во повоена историја со 37 отсто.
Партијата Слободни гласачи освои 14,1 отсто, што е доволно за продолжување на досегашната коалиција со ЦСУ.
Партиите на коалициската влада на Олаф Шолц претрпеа загуби во гласовите и во Баварија и во Хесен.
Социјалдемократската партија на Германија (СПД) освои 8,4 отсто од гласовите, што е најслаб резултат на социјалдемократите во Баварија досега.
Партијата на Зелените освои 15,9 отсто од гласовите, и со тоа остана втора по ред најсилна политичка партија во Баварија, но во споредба со последните избори падна за 1,7 отсто.
Либерално-демократската партија (ФДП), која коалицира со Зелените и СПД на сојузно ниво, освои 3,1 отсто од гласовите и со тоа не го надмина изборниот праг.
Ди Линке не успеа да го надмине изборниот праг во двете сојузни покраини.
Добитник на вчера одржаните избори е десничарската популистичка АфД, која во Баварија освои 4,9 отсто од гласовите повеќе отколку на последните избори.
„Баварија избра стабилност, а ЦСУ е јасен победник на изборите“, рече претседателот на ЦСУ, Маркус Содер.
Тој најави дека се залага за продолжување на сегашната коалиција со Слободните гласачи.
Во Хесен, Христијанско-демократската унија (ЦДУ) освои 35,4 отсто од гласовите, што е за 8,4 отсто повеќе од последните избори.
Актуелниот коалициски партнер на ЦДУ, Партијата на зелените, освои 15,4 отсто од гласовите, што е за 4,4 отсто помалку од пред пет години.
СПД и овде претрпе големи загуби и е за 3,9 отсто послаба од изборите во 2018 година.
ФДП, според сеуште нецелосните резултати, освои пет отсто, но нејзиниот влез во парламентот засега е неизвесен.
Како и во Баварија, најголем пораст во Хесен постигна АфД со 16,4 отсто од гласовите, што ја прави втора најсилна партија во оваа сојузна покраина.Во споредба со последните избори, АфД во Хесен доби 3,3 отсто повеќе гласови.
Германските медиуми во првите анализи во преден план ги истакнуваат успесите на АфД, која по подемот во источните сојузни покраини на земјата продолжи со успеси и во западните сојузни покраини како Хесен и Баварија, кои се меѓу економски најсилните региони во Германија.
Успехот на АфД и слабиот резултат на федералната министерка за внатрешни работи, Ненси Фезер, која се кандидираше како главен кандидат на СПД во Хесен, укажуваат на важност на дебатата за миграцијата, која во последните неколку месеци се покажа како најважна општествена тема.







