Непознати сторители ноќва запалија објекти во еврејскиот дел на централните гробишта во Виена и притоа исцртале антисемитски симболи, меѓу останатото и кукасти крстови.
„Дел од салата за погребни церемонии е запален, а на надворешните ѕидови се насликани кукасти крстови“, рече претседателот на Израелската културна заедница во Виена, Оскар Дојч, по обиколката на гробиштата.
Според информациите од виенската противпожарна служба, во текот на ноќта изгорел дел од зградата, а до доаѓањето на пожарникарите пожарот бил изгаснат.

Засега не е познато како сторителите влегле на гробиштата кои во ноќните часови се затворени, а поради сомневање во политичката заднина на кривичното дело во истрагата е вклучена и Покраинската канцеларија за заштита на уставниот поредок.
После избувнувањето на конфликтот во Израел, нивото на заштита од тероризам во Австрија е зголемено, а заштитата особено ги опфаќа објектите на еврејската заедница.
И покрај тоа, нагло се зголеми бројот на антисемитски казнени дела.
Австриските политичари ги поддржаа мерките насочени кон заштита на Евреите во Австрија.
„Бројот на антисемитски напади во Австрија значително се зголеми. На тоа треба да му се стави крај. Тоа мора да запре“, рече австрискиот претседател, Александер фон дер Белен, реагирајќи на нападот на еврејските гробишта.
Канцеларот, Карл Нехамер, остро го осуди синоќешниот напад и изрази надеж дека сторителите брзо ќе бидат пронајдени.
Израелската културна заедница дури и пред ескалацијата на конфликтот, после нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври и израелската контраофанзива, забележа постојан пораст на нападите со антисемитска позадина.
Во 2022 година во Австрија се забележани 719 инциденти со антисемитска заднина, што е втор најголем број откако тие почнаа да се бројат.
(Фото: Џорџ Хошмут / АФП / Профимедиа)







