Израелската војска вчера објави дека ја лоцирала досега најголемата подземна фабрика за оружје во Појасот Газа, во која се произведувале ракети со долг дострел кои можат да погодат цели на северот на Израел.
Војската соопшти дека во фабриката се правела стандардна муниција како што се гранати и дека била поврзана со подземни окна со мрежа од тунели што се користат за транспорт на оружје за борците во Појасот Газа.
Израелската армија одведе група новинари во обиколка на палестинскиот бегалски камп Буреиј во центарот на Појасот Газа каде што е лоцирана фабриката.
Официјален Тел Авив тврди дека Хамас намерно сместува воена инфраструктура, вклучувајќи и тунели, во цивилни области за да го отежне нападот.
Хамас, пак, го негира ова и тврди дека Израел неселективно напаѓа цивилни цели.
(Фото: Менахем Кахана/АФП)







