Германскиот министер за одбрана во неделата го обвини рускиот претседател, Владимир Путин, дека се обидува да ја „дестабилизира“ Германија, откако Русија на социјалните мрежи објави доверлива размена на информации меѓу двајца германски офицери за испорака на оружје за Украина.
„Снимката се користи за дестабилизација и поткопување на ‘единството’ на Германија“, изјави Борис Писториус за новинарите во Берлин.
„Очигледно, станува збор за поткопување на нашето единство (…), за внатрешно ширење на политичките поделби и искрено се надевам дека Путин нема да успее, дека ќе останеме обединети“, додаде тој.
Во петокот на социјалните мрежи од Русија беше емитувана аудио снимка од состанок на високи германски офицери.
Учесниците на разговорите посебно расправаат за евентуална испорака на ракети „Таурус“ од германско производство со долг дострел во Киев, за тоа што треба да се направи за да им се овозможи на украинските сили да ги користат и каков е нивниот потенцијален ефект.
Германското Министерство за одбрана во саботата ја потврди автентичноста на снимката.
Содржината на видеото е многу непријатна за Германија, бидејќи Берлин официјално одбива да и испорача проектили „Таурус“ на Украина, образложувајќи го тоа со постоење на ризик од ескалација на војната.
Во исто време, за време на разговорот, офицерите откриваат детали за тоа на кој начин Велика Британија и Франција и помагаат на украинската војска при употребата на ракетите „Скалп“, кои тие две земји му ги испорачуваат на Киев.







