Група жени од Гренланд ја тужат Данска, некогашниот колонијален владетел на тој арктички остров, за присилна контрацепција спроведена во 60-тите години од минатиот век и бараат парична отштета, соопштија нивните адвокати.
Кампањата за контрола на раѓањето излезе на виделина кога данската јавна радиотелевизија ДР во 2022 година извести дека, според официјални податоци, помеѓу 1966 и 1970 година, кај жени и девојчиња на возраст од 13 години без нивно знаење или согласност биле вградени 4.500 таканаречени хормонски спирали.
Ова е еден од неколкуте случаи кои откриваат недолично постапување на данските власти кон луѓето во нивната поранешна колонија.
Гренланд бил данска колонија до 1953 година, а сега е полуавтономна територија на Данска со население од само 57.000 жители.
Во октомври, група жени, сега во нивните 70-ти и 80-ти, побараа од Данска отштета од по 300.000 дански круни (43.630 американски долари).
„Моите клиентки веруваат дека биле изложени на кршење на човековите права затоа што спиралата била ставена против нивна волја, во повеќето случаи кога се уште биле девојчиња“, рече адвокатот на групата, Мадс Праминг.
Тужбата официјално е поднесена против данското Министерство за здравство.
Данската држава не ја прифаќа тужбата, наведувајќи ја како причина истрага која е во тек, а која треба да го утврди обемот на тие случаи и процесот на донесување одлуки што резултирал со кампања од 1960 до 1991 година, кога Гренланд ја презеде контролата врз Министерството за здравство.







