Трговијата со наркотици е вредна повеќе од 31 милијарда евра годишно, се вели во најновиот извештај за дроги кој вчера го објавија Европол и Европскиот центар за следење на дроги и зависности од дроги (ЕМЦЦДА).
Според извештајот, најтргувана дрога во Европската унија е марихуаната, во вредност од 12 милијарди евра годишно.
На второ место е кокаинот со околу 11,6 милијарди евра.
Влијанието на меѓународната трговија со дрога врз животот во европските земји е се посилно, предупредија Европол и ЕМЦЦДА при претставувањето на извештајот.

„Насилството, корупцијата и поткопувањето на правото и демократијата се во пораст“, изјави шефицата на Европол, Кетрин Де Боле, во Хаг.
„Криминалните мрежи го заразија сржта на нашите заедници, провлекувајќи се низ структурата на нашата демократија и економија. Тие ја нагризуваат довербата, поттикнуваат насилство и создаваат циклуси на зависност и сиромаштија“, додаде таа.
„Потребен е внимателен, единствен и унифициран одговор за да ги заштитиме нашите граѓани и општество од сеприсутното влијание на овој невидлив непријател. Користејќи го Европол, земјите-членки на Европската унија можат да ги здружат ресурсите, да споделуваат криминални разузнавачки информации и да ги координираат акциите во борбата против нелегалната дистрибуција на дрога“, истакна Де Боле.
Инспекторите идентификувале околу 800 криминални групи кои ја загрозуваат безбедноста на државите, рече Де Боле, додавајќи дека дрогата е еден од главните извори на приход за организираниот криминал.
Според извештајот, Европа е централна за производството, снабдувањето и трговијата со дрога.
Експертите истакнуваат дека во Европа постои големо производство на канабис и синтетички дроги, како и големо количество кокаин кој се шверцува од Латинска Америка.
Иако во последните 10 години е запленето многу повеќе кокаин отколку порано, тоа доведе до повеќе насилства во некои градови, рече Де Боле, предупредувајќи дека во пораст се конфликтите меѓу бандите.







