Некое време го оставија на мир, затоа што шок и национално единство следеа по нападот на Хамас на 7 октомври – но шест месеци подоцна, илјадници демонстранти се вратија на израелските улици. Војната ја зајакна нивната решеност да го соборат од власт израелскиот премиер со најдолг мандат, Бенјамин Нетанјаху.
Десетици илјади луѓе протестираа вчера во Ерусалим против неговата влада, како и против ослободувањето на ултраортодоксните Евреи од воена служба.
Сцените од Ерусалим потсетуваа на масовните улични протести од минатата година, а беше организиран собир пред парламентот, Кнесетот, каде протестните групи бараа нови избори за смена на владата.

Незадоволните граѓани, исто така, сакаа порамноправен удел во товарот на воената служба што ги обврзува повеќето Израелци.
Да потсетиме, од нападот на Хамас во октомври минатата година досега загинаа околу 600 војници, што е најголемата воена загуба што Израел ја претрпел.
Владата на Нетанјаху се соочува со тешки критики за безбедносниот пропуст во нападот на Хамас врз јужен Израел.
Таму, имено, близу 1.200 луѓе беа убиени, а повеќе од 250 беа одведени како заложници во Газа.

Нетанјаху вчера одржа средба со новинарите во Ерусалим и притоа истакна дека одржувањето на избори во ек на војна ќе ја парализира земјата со месеци, а, според неговите зборови, Израел е блиску до победа.
Го обвини Хамас за „сè поцврст став“ во преговорите за примирје и додаде: „Додека Израел покажува флексибилност во преговорите, Хамас станува се потврд“.
Неговата прес-конференција дојде непосредно пред операцијата од хернија, поради која вечерта беше хоспитализиран.
„Можам да ве уверам дека успешно ќе го поминам овој третман и многу брзо ќе се вратам во акција“, порача тој.
Министерот за правда и вицепремиер, Јарив Левин, привремено ќе ја преземе функцијата премиер на земјата додека Нетанјаху закрепнува.
(Фото: Ахмад Гхараби / АФП)







