Општо познато е дека во Русија, по инвазијата на Украина, е укинато секое изразување на слободно, односно критичко мислење, што е дури и законски регулирано. Но, барем според последниот извештај на „Политико“, се чини дека ниту во Украина ситуацијата по тоа прашање не е ни приближно задоволителна, особено кога станува збор за тамошниот хроничен проблем со длабока корупција. И слично како и во Русија, на критичарите често им се закануваат дека ќе бидат испратени на фронтот ако не сакаат да ја држат устата затворена.
Ова произлегува од сведочењето на украинскиот истражувачки новинар Јевхени Шулхат, кој, како што пишува „Политико“, се подготвувал да објави сторија за наводна корупција во Службата за безбедност на Украина (СБУ), кога во трговски центар му пришле војници и се обиделе да му врачат повик за регрутација.
Тој тоа го сфатил како обид да се потисне неговото известување.
„Ова го сметам за заплашување и мешање во мојата новинарска активност“, рече тој, додавајќи дека овој инцидент во април се случил веднаш откако тој стапил во контакт со СБУ во врска со приказната.
Шулхат одбил да го прими документот и поднел жалба.
Но, тој не е единствениот кој се најде на удар, најверојатно поради разоткривање на корупција.
Други новинари, разни набљудувачи на политички и општествени настани и луѓе од невладини организации кои се занимаваат со прашања за кои власта е изложена на критики, предупредуваат дека администрацијата или повисоките функционери ја користат моќта на регрутирање граѓани за да ги замолчат.
Истовремено, власта инсистира дека не стои зад ваквите инциденти и дека ќе реагира доколку до нив дојде.
„Верувам дека користењето на алатки од кривичното правосудство за вршење притисок врз кое било лице, вклучително и јавни активисти, е неприфатливо и таквите информации мора веднаш да се пријават до надлежните органи“, вели заменик-шефот на Кабинетот на украинскиот претседател, Олег Татаров, кој ги надгледува институциите кои се занимаваат со спроведување на законот.
Украина, во голем дел поради исполнувањето на обврските на патот кон евроатлантските интеграции, силно ги зајакна мерките за борба против корупција, но случаите како тој на Шулхат продолжуваат да се натрупуваат.
Виталиј Шабуњин, раководител на Центарот за борба против корупцијата, највлијателното надзорно тело во Украина, го обвини Татаров дека стои зад обвинувањата дека Шабуњин, наводно, бил непрописно пуштен од единицата на првата линија на боиштето, за да земе побезбедна служба во Киев.
Шабуњин е под истрага од украинското Државно биро за истраги (СБИ), не само поради избегнување на воена служба и незаконско префрлање од борбена единица, туку и поради тоа што не го предал автомобилот купен од доброволци за неговата воена единица.
Шабуњин, како и луѓето кои донирале пари за автомобилот, ги негираат овие обвинувања.
„Ако човек бара сите да го почитуваат законот, тогаш треба да даде пример“, коментира Ростислав Кравец, адвокат од Киев, кој ја поднесе тужбата.
Шабуњин е дециден дека неговиот трансфер е легитимен и го обвини Татаров дека стои зад истрагата против него.
„Зошто ме прогонува Кабинетот на претседателот? Можеби затоа што зборувам за тоа како Татаров управува со системот за спроведување на законот во Украина? Или затоа што Центарот за борба против корупцијата систематски ги уништува антидемократските иницијативи на власта“, напиша Шабуњин во објава на Фејсбук.
„Тешко ми е да замислам како може да бидам обвинет за избегнување должност ако доброволно бев мобилизиран во Киев во првите денови од инвазијата“, вели тој, додавајќи дека неговата единица била ротирана од линијата на фронтот пред да биде префрлен.
Татаров, пак, ги отфрла обвинувањата и вели дека е свесен за придонесот на Шабуњин во реформите на Украина и борбата против корупцијата.
„Моите должности вклучуваат координација на Одделот за правосудство и Управата за правна политика, што на никаков начин не може да влијаат на активностите на која било агенција за спроведување на законот, чии истражители се независни“, тврди Татаров.
Украинската безбедносна служба, пак, не одговори на барањето за коментар за случајот на Шабуњин.
Во март, Олександр Салиженко, главен уредник на списанието „Чесно“, кое се занимава со разоткривање на политичка корупција, беше присилен да оди на воена комисија за да објасни зошто не се појавил на отслужување на воената должност, и покрај тоа што имал рак во четврта фаза.
„До март немав никакви проблеми со воената канцеларија. Се обидов да потпишам договор со војската, но тие ме одбија поради мојата здравствена состојба. Ги поддржувам војската и регрутирањето. Затоа за мене беше многу болно да ја следам онлајн кампањата за вознемирување во која ме нарекуваа бегалец од регрутација“, изјави Салиженко.
Новинарите кои истражуваат корупција се исто така изложени на вознемирување на Интернет и на анонимни канали на Телеграм ги обвинуваат за избегнување на мобилизација откако ќе разоткријат корупција. За тоа го обвинуваат Кабинетот на претседателот.
„Користат разни тактики на заплашување за да се обидат да ги спречат новинарите. Најповеќе заканата дека ќе ве испратат на првите борбени линии“, изјави истражувачкиот новинар Јури Николов за „Политико“.
„Тие канали се многу блиски до Кабинетот на претседателот“, рече тој.
Кабинетот на претседателот повеќе пати демантираше дека има некаква врска со анонимните канали на Телеграм на кои се напаѓаат новинари.
На овој проблем се осврна и претседателот Володимир Зеленски.
„Секој притисок врз новинарите е неприфатлив“, рече Зеленски во јануари.
Николов смета дека станал мета поради неговите стории за корупција во процесите за набавки на украинското Министерство за одбрана.Во јануари, неколку мажи се обиделе да упаднат во неговиот стан во Киев, а потоа на вратата залепиле летоци со натпис „Бегалец од регрутација“.
Полицијата покрена кривична истрага за инцидентот, но засега никој не е обвинет.
„Добрата вест е дека случајот се уште не е затворен. Лошата вест е – работата не мрда, стои во место“, рече Николов.
Овие обвинувања против високи функционери доведуваат до заклучок дека системот се брани од непријатни истраги.
Но, набљудувачите на настаните во Украина и новинарите признаваат дека земјата постигна огромен напредок во борбата против корупцијата во последниве години, процес поттикнат од напорите на земјата да ги исполни критериумите потребни за влез во Европската унија и НАТО.
„Постигнавме значајни резултати. Пример за тоа е нашиот систем на контрола на богатството на службениците. А, електронските владини услуги што стигнуваат на паметните телефони направија цел слој на огромна административна корупција непотребен“, вели Шабуњин, но додава дека, за жал, таму има уште многу работа во борбата против корупцијата.
„И ништо не ја дискредитира владата во очите на Украинците како нападите врз луѓе кои ја разоткриваат корупцијата“, заклучи тој.
(Фото: СБУ)







