Таканаречената сина економија се повеќе привлекува инвеститори. Вложуваање пари и заштита на морето – можат ли тие две работи да одат заедно?
Морските брегови се вистински мајстори за природна заштита на климата. Различните морски треви, мангровите шуми (дрвја отпорни на морска сол) и солените мочуришта ширум светот можат секоја година да апсорбираат и складираат до 216 милиони тони јаглерод диоксид (CO2) од атмосферата. Ова го покажува извештајот на Еко Институтот и Центарот за тропски морски истражувања во Лајбниц, нарачани од германската Сојузна канцеларија за заштита на околината. Научниците ја истражуваа важноста на крајбрежните екосистеми за глобалната заштита на климата.
„Складирањето на CO2 е важна функција на овие екосистеми. Но, крајбрежните екосистеми можат да направат многу повеќе. Тие се особено важен животен простор за повеќето морски животни, таму се размножуваат и зависат од него. Исто така, се исклучително важни за филтрирање на водата, обезбедување добар квалитет на водата и како простор за живеење се неопходни“, вели научничката Џудит Реис од Еко Институтот во изјава за германската телевизијата tagesschau24.
Колку морињата се важни за исхраната и животот на луѓето, а со тоа и за економијата сега препознаа и инвеститорите.
Под поимот „сина економија“ се отвора сосема ново поле на инвестиции. ДВС, подружницата за управување со средства на Дојче банк, дури основаше посебен фонд „Син Економски Фонд“. Тој главно вложува во компании кои заработуваат од морската економија.
Притоа, заштитата на морето е на прво место – барем во описот на целите на фондот.
Менаџерот на фондот, Пол Бухвиц, вели: „Фокусирани сме на фирми кои се дел од сината економија, што значи работат во врска со морето и имаат потенцијал за подобрување. И овде сакаме селективно да стапиме во контакт со компаниите и да ги поттикнеме да го намалат негативното влијание што тие потенцијално го имаат“.
Тоа звучи речиси како дека еколошка организација соработувала на таа инвестициска идеја, што начелно е точно. Бухвиц истакнува дека германската канцеларија на Светската организација за заштита на природата советува заедно со финансиски експерти кои компании треба да бидат вклучени во фондот со оглед на одржливоста.
Но, малку изненадува тоа што во Фондот е вклучен токму „Ројал Карибиан“, еден од најголемите светски бродски крузерски концерни.
Според еколошките организации како „Пријатели на Земјата“, крузерите, кои според големината и потрошувачката на ресурси се како пловечки мали градови, се најголемите загадувачи на морето во туризмот.
Но, Бухвиц ова го гледа како причина за ангажманот на фондот.
„Индустријата на бродови за крстарење расте многу силно. Секако дека има големо влијание врз морскиот екосистем, на пример преку емисиите, бидејќи тие сè уште користат тешки масла.
Фирмите во кои фондот инвестира прво мора да пополнат прашалник. Во него, на пример, се поставуваат прашања за целите поврзани со заштитата на климата, вели менаџерот на фондот.
„Едно од прашањата е, на пример, дали има планови кои водат кон намалување на штетните емисии? И сакаме да договориме конкретни цели со таквите компании.“
Идејата е, значи, преку дијалог да се поттикнат фирмите да направат промени – кон поголема заштита на животната средина. Меѓутоа, прашањето е дали глобалните концерни како „Ројал Карибиан“ со пазарна капитализација од околу 40 милијарди американски долари ќе се промени поради фонд од Германија кој управува со помалку од 300 милиони евра, средства на клиенти.
Подобра заштита на животната средина во морињата бараат и политичките институции – како што е Европската унија – така што компаниите кои работат во океаните мора да се прилагодат на ова.
На пример, во 2020 година стапи на сила регулативата на Меѓународната поморска организација, според која бродовите мора да ја намалат емисијата на сулфур диоксид за 85 проценти.
Значи, има многу работи на многу нивоа што се однесува до одржливиот бизнис на морињата. Целта за заштита на морето ја следат многу организации, а сега и финансиски инвеститори. Но, ова е потешко да се спроведе во реалноста отколку на хартија.
Покрај регулативите за спречување на штетните емисии, иновациите и технолошкиот напредок исто така можат да помогнат во заштитата на морето, вели Бухвиц, на пример во заштитата на крајбрежјето.
„Градот Мајами редовно е погодуван од поплави, бури и високи плими. Таму се вложени големи износи во системи на пумпи кои овозможуваат водата веднаш да се испумпува.“
Потребата за инвестиции во таа област продолжува да расте, вели управителот на фондот.
„И ние вложуваме, меѓу другото, во фирми кои ги произведуваат овие пумпи и кои имаат корист од тоа.“
Во минатото, технолошкиот напредок и растешката потрошувачка значително придонеле за уништување на морските екосистеми.
„Во последните сто години, ние веќе изгубивме 50 отсто од важните крајбрежни екосистеми“, објаснува научничката Џудит Рејс од Еко Институтот.
Според нејзините зборови, главните закани денес се инфраструктурните проекти, изградбата на пристаништа, но и развојот на аквакултурата, на пример во тропските подрачја за одгледување ракчиња.
Уште еден проблем е и приливот на материи од земјоделските површини кои преку реките стигнуваат до морето, како што е случајот со Балтичкото Море.
„Тоа е голем проблем затоа што води до зголемен раст на алгите. Исто така, проблем е и начинот на кој ловиме риба; кога со повлекување на мрежите го стругаме морското дно, и така ги уништуваме тие екосистеми“.
Најдоброто за заштита на морето, вели експертката за природни климатски решенија, се апсолутно заштитените зони. Во моментов, само два отсто од светските океани се заштитени од риболов и други интервенции. Тие зони, според мислењето на оваа научничка, треба да се прошират за да може да се опорави морското дно и да се зачуваат екосистемите.
Но, со вакви заштитени и мирни зони се уште не може да се заработуваат пари.
(Извор: Дојче Веле)







