Судскиот совет денеска одлучи да ја испита одлуката на Кривичниот суд во Скопје, со која на поранешниот припадник на ОВК, Бљерим Рамадани, по кого Србија заради сторени злосторства има распишано меѓународна потерница, беше дозволено да избега во текот на екстрадициската постапка.
Како што беше речено на седницата на највисокото судско тело во Македонија, комисијата што ќе се формира ќе ја утврдува фактичката состојба во врска со одлуките на Кривичниот суд за случајот со косовскиот државјанин Бљерим Рамадани, кој избега од куќен притвор во Скопје за време на екстрадиционата постапка.
Премиерот, Христијан Мицкоски, денеска порача дека за „бегството“ на Рамадани, „не мора никому ништо да му објаснува“ и ги повика политичарите да не дозволуваат, како што рече, „нашите соседи да ја користат земјата како прокси во меѓусебното покажување мускули“.
Рамадани избега на 14 август, откако тројца судии од Кривичниот совет на скопскиот суд му наложија да се врати во затвор на 30 дена поради опасност од бегство.
Според порталот „Сакам да кажам“, кој прв ја објави оваа информација, „некој од Кривичниот суд го известил Рамадани дека се враќа во Шутка, па веднаш побегнал од Македонија.
На социјалните мрежи, еден ден подоцна, се појави фотографија од бегалецот Бљерим Рамадани, на која лице кое се претставува како негов внук, му посака добредојде дома, во родниот град на Косово.
Рамадани беше во притвор во куќа на роднина во Скопје, откако врз основа на меѓународна потерница распишана од Србија преку Интерпол, на 17 јули беше уапсен на македонско-косовскиот граничен премин „Јажинце“. После апсењето Рамадани беше префрлен во затворот во Скопје, а на барање на Обвинителството за организиран криминал му беше одреден екстрадиционен притвор од 30 дена.
Скопскиот Кривичен суд, како надлежен, на 1 август, на Рамадани му ја преиначи затворската мерка во куќен притвор и, според тоа решение, тој беше испратен на адреса во Скопје, а во таа одлука беше предвидено да остане во куќен притвор до 16 август.
Србија го бара Рамадани по потерница поради сомнение за извршени злосторства во војната на Косово пред 25 години, а според соопштението на Министерството за надворешни работи на Косово, Кривичниот суд во Скопје на 8 август одлучил да не и го испорачува на Србија поранешниот член на ОВК, па останал во домашен притвор до „правосилноста на одлуката на Врховниот суд на Македонија“.
Бљерим Рамадани е третиот државјанин на Косово, кој, како поранешен војник на ОВК, беше уапсен во Македонија по потерница од Србија.
Претходно беа уапсени Гафур Дуголи и Томор Морина, но со одлука на Врховниот суд на Македонија беа ослободени.
„Бегството на терористот и воен злосторник Бљерим Рамадани од домашен притвор во Северна Македонија е скандалозно. Станува збор за припадник на терористичката ОВК кој извршил злосторства врз Србите на Косово и Метохија, а кого Србија го бара за да му се суди. Бараме објаснување од државните органи на Северна Македонија како е можно некој кој е уапсен по наша, меѓународно важечка потерница, да избега од домашен притвор. Или за албанските терористи и воени злосторници не важи меѓународната правда. Ним кога убиваат Срби се им е дозволено и простено“
Ивица Дачиќ, вицепремиер на Србија и министер за внатрешни работи
(Фото: МИА)







