Едно лице загина, а по уште шест се трага откако страшно невреме ја потопи луксузниот брод „Бајзијан“ во близина на главниот град на Сицилија, Палермо, јавуваат италијанските медиуми.
Сицилијанските противпожарни и крајбрежни служби претходно соопштија дека нивните нуркачи трагаат по седум исчезнати лица, без веднаш да објават дека е пронајдено едно тело.
Британскиот технолошки тајкун, Мајк Линч, е меѓу шесте исчезнати, додека неговата сопруга е меѓу 15-те спасени, пишува „Дејли меил“.
Линч беше милијардер кој медиумите го нарекоа британски Бил Гејтс, откако се збогати благодарение на неговата компанија и софтверот кој се темели на математичката теорија на Бајес.
Од останатите патници на бродот, повеќето биле Британци, но имало и државјани на Нов Зеланд, Шри Ланка, Ирска, Канада, САД и Франција.
Некои од групата, наводно, биле колеги и членови на нивните семејства кои заедно биле на летување на Сицилија.
Луксузниот брод долг 56 метри, регистриран во Велика Британија, потона во зората со 22 лица, 10 членови на екипажот и 12 патници, кога подрачјето го погодило силна бура, соопшти крајбрежната стража.
Осумте спасени, меѓу кои и едногодишно дете, се пренесени во болница и сите се стабилни, пренесуваат локалните медиуми.
Постојат стравувања дека оние кои се водат за исчезнати останале заробени во своите кабини, а нуркачите претходно пријавиле дека виделе „тела низ отворите“ на јахтата, јавуваат италијанските медиуми.
Се верува дека холандскиот едреник „Сер Роберт БП“, кој бил закотвен близу „Бајзијан“, ги спасил 15 преживеани.
Откако бурата стивнала, капетанот на бродот „Роберт БП“, Карстен Борнер, рече дека тој и неговиот прв офицер забележале ракета во водата и се упатиле кон неа.
Таму пронашле чамец за спасување со оние што избегале од бродот, меѓу кои и едногодишно бебе.
Нуркачите очајнички ги бараат остатоците од бродот „Бајзијан“, кој е на морското дно, 50 метри под вода.
Тело на маж – за кој се верува дека е готвач на бродот – беше пронајдено како лебди покрај бродот.
Бродот „Бајзијан“, повеќепати наградуван за дизајнот, е изграден во италијанското бродоградилиште Перини во 2008 година.
Сицилијанското пристаниште Милацо го напушти на 14 август, а во неделата вечерта беше во близина на Палермо.
(Фото: Бен Гур / АФП / Фејсбук)







