Украинските пратеници вчера го отворија патот за забрана на Украинската православна црква поврзана со Русија, која Киев ја смета за соучесник во руската инвазија на Украина.
Повеќето Украинци се православни христијани, но тие се поделени на огранок традиционално поврзан со Руската православна црква и независна црква, која светската православна хиерархија ја призна во 2019 година.
Украинските лидери ја обвинуваат Украинската православна црква, поврзана со Москва, дека ја помага руската инвазија на Украина преку ширење проруска пропаганда и дека е засолниште за шпиони.
Парламентот вчера усвои предлог закон кој ја забранува Руската православна црква на украинска територија, а владина комисија ќе подготви список на со неа „поврзани“ организации чии активности нема да бидат дозволени. На списокот треба да се најде и Украинската православна црква – Московска патријаршија.
Одлуката за забраната ќе ја донесе судот.
Предлог-законот го поддржаа 265 пратеници, а 29 беа против, објави на Телеграм пратеникот Јарослав Железњак.
„Стапивме на неизбежниот пат за чистење од внатре, од мрежата на агентурата на Кремљ, која со децении се крие зад маската на верска организација“, напиша на Фејсбук пратеникот Роман Лозински.
Малцинската црква немаше коментар, но претходно објави дека ги прекинала врските со Руската православна црква, која отворено ја поддржува војната во Украина.
Украинските власти го негираат ова и покренаа десетици кривични постапки, вклучително и за предавство, против десетина нејзини свештеници. Најмалку еден беше вратен во Русија како дел од размена на затвореници.
Предлог-законот мора да го потпише украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој за таа одлука рече дека „има за цел да ја зајакне духовната независност на Украина“.
Тој нагласи дека законот треба да гарантира дека „нема да има манипулации со Украинската црква од Москва“.
(Фото: Илустрација / Лефтерис Питарнакис – АП)







