Димитар Апасиев се сретнал со Генадиј Зјуганов, претседателот на Комунистичката партија на Руската Федерација, а на средбата било договорено продлабочување на соработката, се наведува во соопштението од СДСМ.
Од партијата ја критикуваат средбата, посочувајќи дека станува збор за лидер на руска политичка партија чии позиции, според СДСМ, се во спротивност со евроатлантските интереси на Македонија.
„Нема повеќе маски. Нема ‘автентична левица’. Има средба со шефот на руската партија што ја поддржува војната, што ги брани интересите на Кремљ и што работи против НАТО и ЕУ“, се наведува во реакцијата на СДСМ.
Од партијата додаваат дека средбата се случува во држава членка на НАТО, со стратешко партнерство со САД и со, како што посочуваат, над 80 проценти поддршка за евроатлантскиот пат.
СДСМ упатува критики и кон политиките на Левица во домашниот политички контекст, обвинувајќи ја партијата за недоследност во однос на работничките права и евроинтеграциите.
„Левица не е опозиција. Левица е сателит. Таа е Спутник на Мицкоски. Анти-ЕУ, анти-НАТО, анти-Америка“, се вели во соопштението.
Од СДСМ тврдат дека Левица не гласала за зголемување на минималната плата и ја критикуваат поради средбата со рускиот партиски лидер.
„СДСМ не седи на таа маса. Народот не седи на таа маса. Русија не е иднина на Македонија. Иднината е ЕУ и закони кои важат за сите“, порачуваат од партијата.







