Левица преку соопштение бара проширување на истрагата за насилството врз Сара од Охрид и испитување на можните обиди за прикривање на случајот, политички влијанија и притисоци врз сведоците и институциите.
Од партијата отвораат прашања за евентуалната улога на Гоце Корабоски, таткото на осомничениот Кристијан, како и за наводен контакт на негова роднина со болницата со цел релативизирање на повредите на девојката. Левица бара Обвинителството да утврди дали имало обиди за влијание врз медицинската документација и дали други лица биле вклучени во нападот или во неговото прикривање.
Партијата бара да се испитаат и сведоштвата за лицата кои биле присутни додека Сара барала помош, вклучително и наводите дека било побарано оружје со кое би можело да ѝ се наштети. Според Левица, истрагата не смее да се ограничи само на осомничениот доколку постојат докази за вмешаност на други лица.
Посебно внимание, според партијата, треба да се посвети на постапувањето на Обвинителството во Охрид. Левица посочува на наводна блискост меѓу обвинителот Стојанче Арнаудоски и семејството Корабоски и бара да се провери дали имало влијание врз текот на постапката. Од партијата прашуваат и зошто првично биле определени мерки на претпазливост, а подоцна биле побарани притвор и обвинение за три кривични дела.
Левица бара и итна процена на безбедноста на Сара и нејзиното семејство, поради можноста од заплашување или притисоци. Од партијата нагласуваат дека институциите мора да ги испитаат сите наводи и да утврдат дали некој се обидел да ја прикрие вистината за насилството.
„Сара преживеала, но тоа не ја намалува тежината на она што ѝ било сторено“, наведуваат од Левица, барајќи одговорност од сите за кои ќе се утврди дека биле вмешани во нападот или во евентуалното прикривање.







