Лондонскиот историчар Дејвид Грант тврди дека пронашол тестамент на еден од најголемите војсководачи на сите времиња – Александар Велики, повеќе од 2.000 години после неговата смрт.
Како што пишува „Дејли мејл“, последното поглавје од древната „Александрида“, кое ги содржи плановите на Александар врзани за неговите походи, но и детали за тоа каде сакал да биде погребан, се до сега се сметало дека е фиктивно.
Меѓутоа, долгогодишните истражувања укажуваат на тоа дека тестаментот на Александар е базиран на оригинален текст, иако бил изменет од политички причини.
Според книгата на Грант „Потрагата по изгубениот тестамент на Александар Велики“, најмоќните генерали на прочуениот освојувач го сокриле неговиот оригинален тестамент, заради тоа што тој за наследници ги одредил неродениот син Александар IV и вонбрачниот Херакле. Тоа довело до она што во историјата е познато како „Војни за наследството“.
Грант верува дека тестаментот на воениот гениј е изменет, па поделуван како памфлет, што го правел еден од неговите генерали, за да ја докаже легитимноста на своето право на наследство.
Исто така, поради древните римски приказни, според кои Александар умрел оставајќи го царството на „најсилниот“, или без какви било зборови, историчарите долго време го занемарувале текстот од последните страници на „Александрида“.
Ако излезе дека Грант е во право, тоа ќе доведе до поништување на сите досегашни истражувања.







