Специјалниот јавен обвинител Катица Јанева се жали дека судот не престанал да ја опструира работата на Специјалното јавно обвинителство. Таа вели дека за барањата за претреси и притвори на функционери, секогаш одлучуваат исти судии кои постојано без какво било посебно образложение ги одбиваат.
„Ние ги образложуваме сите предлози за притвор, но како што знае јавноста, од одреден број на судии тие се одбиваат на ист начин, иако ние ја следиме судската и европската практика, за тоа како треба да се бара притвор и други мерки за обезбедување на осомничени. Не сме задоволни од постапувањето на судот по нашите предмети. Кога ги поднесуваме барањата за претрес или притвор секој пат одредено лице, одреден судија одлучува по нашите барања“, истакна Јанева.
Таа порача дека судот и судиите треба да сфатат која е улогата на СЈО, дека ова обвинителство работи на „специјални случаи“.
„Судот треба да сфати дека СЈО не гони обичен криминал, туку ја гони криминалната група која се наоѓа во врвот на власта и затоа судот мора совесно, чесно и професионално да си ја извршува својата должност кога станува збор за случаите на Специјалното јавно обвинителство“, порача Јанева.







