Обединетите нации ја повикаа денеска Северна Кореја да запре со тестирањето на балистички ракети, после најновата проба која Пјонјанг ја изведе овој викенд.
„Таквите акции се закана за регионалната и меѓународната безбедност“, оцени портпаролот на генералниот секретар на ОН, Стефани Дујарик, пренесува АФП.
Францускиот амбасадор при ОН, Франсоа Делатре, претходно рече дека најновата ракетна проба која ја изведе Северна Кореја е „уште една неприфатлива провокација“ која бара „брза и цврста реакција“ на Советот за безбедност во ОН.
Делатре им изјави на новинарите дека Франција се надева оти Советот за безбедност на ОН ќе продолжи да работи на силна резолуција со која на Северна Кореја ќе и се воведат нови поостри санкции и ќе се побара подобра примена на веќе постоечките, пренесува АП.
Тој нагласи дека за нова резолуција се преговара „додека ние разговараме“ и изрази очекување дека членовите на тој совет ќе разговараат за резолуцијата во текот на итните консултации зад затворени врати за Северна Кореја, кои утре ќе бидат одржани на барање на САД, Јапонија и Јужна Кореја.
Северна Кореја денес преку соопштение ја информираше јавноста дека е подготвена да развие и започне масовно производство на нова ракета од среден домет, која може да досегне до Јапонија и повеќето амрикански воени бази кои се наоѓаат таму.
Ракетата Пукгуксонг 2, лансирана од Северна Кореја во неделата, летала околу 500 километри и постигнала висина од 560 километри, пред да падне во Тихиот океан, а севернокорејските медиуми најавија нови ракетни проби за во иднина.







