Страв, паника и потполн хаос завладеаја во Манчестер откако во понеделникот вечерта во „Манчестер Арената“ на самиот крај на концертот на американската поп ѕвезда Аријана Гранде беше извршен самоубиствен бомбашки напад.
Социјалните мрежи се полни со застрашувачки сведоштва на многубројните посетители на концертот кои дошле да уживаат во настапот на омилената пејачка за, на крајот, да бидат присилени да бегаат после трагедијата во која 22 лица го загубија животот, а педесетина се повредени.
Лицето кое го извршило нападот е Салам Абеди, соопшти британската полиција.

Во интерес на истрагата, за да се утврди дали Абеди дејствувал сам или како дел од поширока мрежа, други детали не се соопштуваат.
Се верува дека осомничениот за самоубиствениот бомбашки напад во Манчестер, идентификуван како Салман Абеди или Салман Рамадан Абеди, патувал со воз од Лондон во Манчестер. Абеди од порано им бил познат на британските власти.
* Експлозијата се случи околу 22.30 часот пред крај на концертот на Ариана Гранде во „Манчестер арената“ во која може да собере 21.000 луѓе.
* Напаѓачот ја активирал ипровизираната експлозивна направа во фоајето на салата
* Биланс на жртви: 22 лица загинаа, меѓу кои има деца, 59 лица се повредени, додека одреден број на луѓе се водат како исчезнати
Исламска држава потврди дека оваа терористичка организација стои зад бомбашкиот напад, а нејзините приврзаници на социјалните мрежи го фалат овој монструозен чин.
Откриено е дека дури четири часа пред нападот објавени се две заканувачки пораки со хаштаг #Manchesterarena и фотографија со знаме на ИД, пренесува Дејли меил.
Твитер блокираше многу пораки во кои се поддржува нападот, но нивниот број и натаму е голем.
Со минута молчење кралицата Елизабета II вчера им одаде почит на жртвите од самоубиствениот бомбашки напад во Манчестер.
Британската премиерка Тереза Меј изјави дека полицијата и безбедносните служби го знаат идентитетот на осомничениот бомбаш самоубиец.
Меј, зборувајќи пред резиденцијата во Даунинд стрит, рече дека осомничениот само го извел нападот, но дека сеуште е нејасно дали некој му помагал во неговото реализирање.
Би-Би-Си наведе дека премиерката Тереза Меј денеска ќе одржи нов состанок со Одборот за реагирање во кризни ситуации.
Меј претходно објави дека Велика Британија го подигна нивото на закана од тероризам на „критично“, што значи дека се смета дека е неизбежен нов напад.
Британската полиција уапси денеска три лица заради вмешаност во нападот. Уапсени се тројца мажи во јужниот дел на Манчестер. Со ова вкупниот број на уапсени е зголемен на четири, пренесуваат агенциите.
Здравствените официјални лица во Манчестер соопштија дека во терористичкиот чин во тој град на северозападот на Англија повредени се 119 лица. Џон Раус, директор на службата за здравствено и социјално осигурување изјави дека 64 лица се задржани на болничко лекување, а од нив 20 се во критична состојба, заради што со право постои стравување дека бројот на починати може да биде поголем од 22.
Зголемени мерки на безбедност во Лондон
Лондонската полиција соопшти денеска дека ги преиспитува безбедносните процедури за сите манифестации на јавни места во британската престолнина и дека ќе размести дополнителни вооружени полицајци на спортските натпревари после бомбашкиот напад на концертот во Манчестер.
„Специјалците од нашиот тим за планирање на настани е експерти за безбедност сега ги преиспитуваат детално сите планови за престојните манифестации во престолнината“, наведе лондонската полиција во соопштението.
Тоа, како што се објаснува, вклучува мали настани на кои не било предвидено присуство на полиција во поголем обем, како и зголемен број вооружени и невооружени полицајци во патроли на клучни локации, пренесува Ројтерс.
Дополнителни вооружени сили ќе бидат распоредени на фудбалскиот натпревар на Вембли и рагби натпревар на Твикенхем, наведува полицијата.
Од британскиот парламент денеска соопштија дека тој на неодредено време ќе биде затворен за јавност поради зголемена закана по безбедноста после самоубиствениот напад. Како последица на тоа, сите настани и банкети ќе бидат откажани, а одлуката за тоа стапува на сила веднаш, соопшти парламентот на својот веб-сајт.
Макрон бара продолжување на вонредната состојба во Франција
Францускиот претседател Емануел Макрон бара продолжување на вонредната состојба во земјата до 1 ноември и сака да ги зајакне овластувањата на безбедносните сили со нов закон, соопштија денеска од неговиот кабинет.
Вонредните мерки, воведени после низата напади во Париз во ноември 2015 година, на француската полиција и се даваат пошироки овластувања кога станува збор за потраги и апсења за лица вмешани во терористички напади.
Макрон одлуката за продолжување ја донел после утринскиот безбедносен состанок на кој присутните ги „разгледале последиците од евентуален нов терористички напад“.
Новиот француски претседател, исто така, побарал од владата да подготви нацрт закон за трајно јакнење на безбедносните мерки, поврзано со вонредната состојба.
Германија: Знамињата на половина копје
Германскиот министер за внатрешни работи Томас де Мезијер, во знак на, како што се наведува во соопштението, сочуство и солидарност после злосторничкиот чин во Манчестер, издаде наредба знамињата на зградите на федералната влада во Германија денес да се спуштат на половина копје.
Знамињата вчера беа спуштени на половина копје и пред институциите на Европската унија во Брисел.
Протекување информации: Американските медиуми објавија детали за нападот пред британските
Британската министерка за внатрешни работи, Амбер Руд, го нарече денеска „иритирачки“ тоа што детали за бомбашкиот напад во Манчестер „протекле“ до американските медиуми пред да бидат објавени во Велика Британија, наведувајќи дека за тоа разговарала со властите во САД и дека тоа не смее да се повтори.
„Британската полиција беше многу јасна дека сака да го контролира протокот на информации за да се заштити интегритетот на операцијата. Иритирачки е кога информациите доаѓаат од `други` извори и јас бев потполно отворена кон нашите пријатели дека тоа не смее да се повтори“, истакна Руд.
Запрашана дали со тоа американските власти ја загрозиле истрагата, Руд одговори дека „не би одела толку далеку“.
Руд потенцираше дека напаѓачот од Манчестер, кој во самоубиствен напад уби 22 лица, најверојатно не дејствувал сам.
Потврди дека осомничениот е Салман Абеди и дека се верува дека тој неодамна се вратил од Либија.
Руд, патем, прецизираше дека на британските улици ќе бидат распоредени 3.800 војници.
Статистика
Хронологијата на терористичките напади во Европа вели дека од Британија до Русија, за 45 години загинале 10.000 луѓе, а меѓу земјите со најголем број настрадани се Русија, Велика Британија, Украина, Шпанија и Франција.
Терористите ширум Европа, според податоците од светската база за тероризам во Мериленд, во периодот од 1970 до 2015 убиле 10.537 луѓе во 18.803 напади.
Во бомбашки напади убиени се 4.724 лица,2.588 во атентати и 2.356 во други напади. Во заложнички кризи 548, во грабнивања 159, 114 во напади на згради. Илјадници се ранети или исчезнати.













