Кај претседателот на Собранието Талат Џафери денеска се одржа координативна средба, која според инфорамциите од неговиот кабинет, била во функција на утрешната седница за избор на нова Влада. На состанокот не присуствувал претставник на ВМРО-ДПМНЕ.
Од СДСМ Оливер Спасовски, од ДУИ Ејуп Алими, од Алијансата на Албанците Весел Мемеди, Бардул Даути од ДПА, Африм Гаши од Беса со спикерот Џафери го договарале редоследот на обраќање на претставниците на партиите по обраќањето на мандатарот.
Според Деловникот за работа на Собранието, мандатарот ја образложува програмата и предлогот за состав на Владата пред пратениците. По програмата и предлогот за состав на Владата, Собранието води претрес најмногу два дена.
Редоследот на пратениците кои ќе учествуваат во претресот го утврдува претседателот на Собрание на начин кој обезбедува учество во претресот на пратеници од различни политички партии застапениу во Собранието, стои во Деловникот.
Гласањето за избор на Владата се врши по завршување на претресот, а најдоцна во 24:00 часот. Владата е избрана ако за неа гласало мнозинството од вкупниот број пратеници. Претседателот на Собранието го известува претседателот на државата за изборот на Владата.
Не е познато дали пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ќе присуствуваат на седницата на која ќе се гласа за избор на нова влада.







