Таравари го осуди вчерашниот напад врз поранешниот министер за здравство Никола Тодоров и рече дека причината за ваквиот немил настан, како и за сите други инциденти по болниците го гледа во огромниот јаз меѓу пациентите и лекарите кој особено се изостри последиве години.
Жално е тоа што се случи со Тодоров, се слушнав со него на телефон, му го изразив моето жалење. Меѓутоа веќе две-три години се пука по доктори и се тепаат лекари. Не е мило што почуствувал како е да се биде доктор во Македонија, но секојдневно ни се случуваат такви случувања по болниците со пациентите зошто направивме голем јаз во односот пациент-лекар. Затоа барам од сите, па и од медиумите, помош да изградиме доверба меѓу пациентот и лекарот – рече Таравари.
Ќе се укине плаќањето по учинок, економските директори на клиниките ќе бидат шефови на администарција, прокетот „Мој термин“ ќе се подобри, а зависно од финансиските можности и законските прописи, пет до шест лекари од одредена клиника или болница ќе добиваат 10 до 20 отсто покачување и на тој начин ќе се мотивираат, најави денеска министерот за здравство Арбен Таравари по посетата на Клиничката болница во Тетово.
Одговарајќи на новинарско прашање за неговиот однос со претседателот Ѓорге Иванов, тој рече дека токму шефот на државата има дел од вината за случувањата на 27 април.
Да не бараше Ѓорѓе Иванов таква гаранција во февруари откако Груевски во јануари не успеа да остави влада, немаше да се случи 27 април. Со аболицијата и со сите други прекршувања на Уставот и законите што ги направи Иванов, не заслужува да се нарекува претседател и тој за нас е само граѓанин – додаде министерот.
Во врска со ВМРО ДПМНЕ истакна дека Алијансата на Албанците нема проблем со партијата, туку само со нејзиното раководство. Во последното време искажуваа шовинистички ставови и постапки така што како партија нема да имаме никакви контакти додека е ова раковоство во ВМРО-ДПМНЕ.
Другите партии може да имаат контакти со нив, а доколу има промени, а сигурно ќе има во раководството на ВМРО ДПМНЕ, ние ќе седнеме со новото раководство и ќе разговараме како и со останатите политички субјекти во Македонија, рече Таравари.
Осврнувајќи се на предвидените промени во секторот, појасни дека дел од средствата за дополнителните 10 до 20 отсто за лекарите би се обезбедиле со укинување на функцијата економски директор. Овие кадри во иднина би биле шефови на администарција, рече Таравари.
Нема потреба да се дуплираат функциите. Досегашните економски директори би биле шефови на администарцијата. Во однос на проектот „Мој термин“ што според мене е една од најдобрите работи во здравството последниве години, треба да има подобрување бидејќи сега половина од времето со пацинетот лекарите го трошат на административни работи така што ќе се заложиме за продолжување на овој термин со пацинетот за 20 до 30 минути и поедноставување на процедурите – изјави министерот.
Според него, во овој правец е и зголемувањето на платите, вработувањето нови лекари, како и нивната специјализација во странство. Идејата е да се вратат македонските лекари кои моментно се многу успешни во Европа и дел од времето да го минуваат тука, да го споделат нивното искуство.
Таравари во рамки на посетата на Болницата, се сретна со директорот Флорим Бесими и го престави својот прв советник, хирургот Омер Џемаили кој работи во Швајцарија, но дел од времето го поминува и на Клиниката за кардиохирургија во Скопје.
Ова е негова прва посета на здравствена установа по вчерашното преземање на министерската функција.
Клиничката болница во Тетово е една од позначајните во државата. Тука има одредени инвестиции, но потребни се уште повеќе бидејќи има недостиг на медицински и друг кадар, како и на апаратура.
Ќе го покренеме прашањето за подобрување на односот меѓу лекарот и пациентот кој изминатите шест – седум години е влошен. Мораме состојбите да ги подобриме на овој план -рече Таравари.







