„Сите одговорни актери, а тука ги вклучувам и опозицијата и судството и другите институции треба да работат на создавање модерно општество кое добро ќе функционира за добро на сите граѓани без оглед на нивната припадност“, изјави еврокомесарот за соседска политика и проширување на Европската унија, Јоханес Хан, на денешната заедничка прес-конференција со премиерот Зоран Заев.
Хан истакна дека бил сведок на оптимизмот и новата поволна клима во земјата и дека му е мило што тоа се случува по сите настани на земјата. Неговата порака е да се сконцентрираме на задачите што претстојат и додаде дека реформите не треба да се исполнат само за функционерите на ЕУ, туку за подобрување на животот на граѓаните.
Еврокомесарот најави средби со партиите во Собранието и, како што рече, се надева на конструктивна улога од сите.
„Ја поздравувам подготвеноста на владата да работи со опозицијата за прашањата за евроинтеграции и подвлекувам дека за овие реформи потребен е консензус кој ќе се постигне низ институциите. Многу е значајно да се исполнат идните реформи, посочи Хан.
На крајот Хан ги оцени како позитивни чекори средбите со министерот за надворешни работи во Грција и на премиерот во Бугарија.






