„Странските инвеститори во Македонија биле финансирани со 10 до 50 отсто од државниот Буџет. Некои добивале пари и за секое работно место, но нивната соработка со домашните компании била 0 (нула) до 1 процент“, соопшти денеска вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев.
Во обраќањето на Годишното собрание на Европската бизнис асоцијација, Анѓушев порача дека ваквата пракса ќе се смени. Владата ќе продолжи да ги поддржува странските инвеститори, но зависно од нивната интеракција со македонското стопанство.
„Ако ги растете само странските инвенститори, а не и македонската економија, тој модел не може да биде издржлив долг рок. Сите странски инвеститори треба да бидат максимално заштитени, да се чувствуваат и да работат комфорно. Сите се добредојдени, но битна е многу интеракцијата меѓу нив и македонското стопанство“, подвлече Анѓушев, додавајќи дека критериумите мора да се изедначат.
Осврнувајќи се на останатите политики во економската сфера, вицепремиерот потенцира дека Владата нема да се меша во бизнисот и нема да биде работодавач, туку ќе креира поволни деловни услови со цел раст на компаниите и што поголема ориентираност.
„Ќе ги поддржиме сите компании кои ќе бидат извозни ориентирани. Државата нема да се меша во бизнисот, туку ќе се создава услови и капитални инвестиции, одржливи на подолг рок: патишта, гасоводна мрежа, далекуводи, инфраструктурно поврзување…“, напомена Анѓушев.
На македонските компании, рече, им се на располагање средствата на ИПА-фондовите во рамки на кои постои значителен корпус мерки што Владата ќе им помогне да бидат достапни, за реалните потреби на индустријата, за купување машини, а не за консултантски услуги.
„Наидов на програми според кои од 20 милиони евра, три милиони биле искористени за консултантски услуги. Ќе ја смениме ваквата ваквата клима, мора средствата да дојдат до стопанството“, порача Анѓушев
Тој укажа и на потребата од ревидирање на невработеноста и на промената на образовниот систем.
Пред присутните на Годишното собрание на Европската бизнис асоцијација, се обрати и министерот за финансии, Драган Тевдовски.







