Вицепремиерот Бујар Османи учествува на 13. состанок на Советот за стабилизација и асоцијација во Брисел.
На состанокот се присутни и високата претставничка и потпретседателка на Европската комисија, Фредерика Могерини, и комесарот за проширување и добрососедска политика, Јоханес Хан.
Османи пред присутните го образложи планот 3-6-9, и изрази задоволство од поддршката од меѓународните партнери при негово создавање, поддршка која се очекува да продолжи и при неговото имплементирање.
Тој ги повтори заложбите на Владата за затворање на сите отворени политички прашања и отстранување на сите пречки за реактивирање на евроинтегративните процеси.
„Сакам да испратам јасна порака дека планот 3-6-9 ќе биде спроведен. За оваа наша намера постои внатрешен општествен консензус и ние како Влада на тоа се обврзуваме. Веќе се изготвени работни групи, ад-хок тела, како и процедури за мониторирање и рано предупредување на евентуалните застои во имплементацијата на Планот“, рече Османи на прес-конференција по завршувањето на состанокот.
Османи, меѓу другото, додаде дека во истиот контекст Владата веќе ги адресира и отворените политички прашања, како што се односите со соседите, но и донесување на законот за употреба на јазиците.
Ова е трета посета на вицепремиерот Османи на Брисел во изминативе 30 дена, што самото по себе претставува јасен сигнал дека фокусот на новата Влада изминатиов период се евроинтеграциите.
„Ние, и како земја и како Влада, очекуваме, согласно успешното адресирање и отстранување на пречките, да добиеме конкретни чекори од страна на Европската Унија, кои јасно би ја рефлектирале визибилноста на европската перспектива на Република Македонија“, истакна Османи во своето обраќање.






