Штрајкот на припадниците на обезбедувањето на аеродромот Ел Прат во Барселона денеска предизвика застој при прегледот на патници поради што некои доцнеа за летовите, а ако не дојде до договор помеѓу работниците и управата на компанијата Ејлен, за десет дена ќе следи штрајк на неопределено време, што може да предизвика хаос во екот на сезоната.
Во 5.30 часот утрово вработените одговорни за преглед на патниците се одлучија на еден час да ја прекинат работата што предизвика долги редици на патници на терминалите 1 и 2. Аеродромскиот оператор АЕНА информираше дека патниците чекале во ред еден час на првиот терминал и повеќе од еден час на на вториот. Некои патници, меѓутоа, тврдат дека се чека и околу два часа во ред за контрола.
Во 10.30 часот работниците од обезбедувањето повторно ја прекинаа работата поради што патниците доцна на своите летови од градот на брегот на Средоземното море. Во попладневните часови, се очекува нов застој во 16.30 часот и повторно во 18.30 часот. За денес предвидено е полетување на 515 авиони од Барселона.
Работниците на шпанската компанија Ејлен, задолжена за контрола на патниците, тврдат дека им недостасуваат лица кои ќе работи во исклучително лоши и стресни услови и дека не се доволно платени за толкав број часови. Разговорите со управата не донесоа решение, па како посредник ќе се вклучи аеродромскиот оператор, иако компанијата одговорна за управување со шпанските аеродроми досега го одбиваше тоа.
Ако обезбедувањето не постигне договор со раководството ќе се продолжи со прекин на работата на 6, 7 и 11 август. Ако ниту тогаш нема договор, на 14 август ќе има 24-часовен штрајк, кој би можел да биде продолжен до крајот на август, порачаа работниците.
Ејлен вработува 360 работници на аеродромот во Барселона, а во цела Шпанија има 47.533 вработени. Август е месец кога повеќето Шпанци одат на годишен одмор, но, исто така, и месец во кој десетици илјади странци ја посетуваат Шпанија.
Управата на Ејлен истакнува дека строго го почитува колективниот договор.







