Иницијаторот за реформи во ВМРО-ДПМНЕ, Петар Богојески, побара заминување на Никола Груевски од лидерската позиција затоа што неговото останување значи само корист за СДСМ. Тој најави жестоко темпо за реформите во партијата се до постигнување на целта.
„Продолжувањето на функционирањето на Никола Груевски како лидер на ВМРО-ДПМНЕ е во интерес на СДСМ. Со неговиот негативен имиџ кој се создаде во минатото остава простор да мобилизира отприлка 150.000 граѓани да гласаат за СДСМ. Тие не се за СДСМ, но само поради Никола Груевски ќе гласаат за нив, истакна Богојески во интервју за А1он.
Меѓу другото, Богојески потенцира дека Никола Груевски за нив е нелигитимен претседател избран пред две години на приватен конгрес во Куманово. Конгрес на кој, вели, за делегати биле поставени негови лични пријатели и другари кои тој ги назначил.
„Нашиот став е Никола Груевски да престане со праксата сам да поставува кандидати за градоначалници. Оставаме простор тој неговите лични кандидати да ги предложи на општинските комитети и доколку добијат широка поддршка, може да бидат кандидати на партијата“, рече Богојески според кого ставот на реформистите за локалните изборите, ќе биде истакнат „на ден пред отпочнувањето на нашата кампања“ и додаде дека реформите продолжуваат со жестоко темпо се до суштинско реформирање на ВМРО-ДПМНЕ.
„Повикот за обединување е до сите граѓани кои се припадници на конзервативната или демохристијанската иделологија, да се обединат зад процесот за целосни реформи во ВМРО-ДПМНЕ, а не зад актуелното раководство на ВМРО-ДПМНЕ“, посочи Богојески.







