Во изминатите 100 дена Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ја одблокира исплатата на субвенциите, за три месеци исплати 60 милиони евра за субвенции, распиша два огласа за доделување државно земјоделско земјиште под закуп за површини до 3 хектари и над 3 хектари, го продолжи рокот за аплицирање за субвенции за Програмата за финансиска поддршка за 2017 година и рокот за аплицирање за ИПАРД 2 Програмата – рече министерот за земјоделство, Љупчо Николовски, во отчетот за сработеното во првите сто дена од новата влада.
„Ги скративме непродуктивните трошоци, како што се тековните расходи и договорните услуги. Уште во првите три месеци плативме дел од заостанатите долгови за членарини во меѓународните институции, кои нудат огромна техничка и финансиска помош за развојот на македонското земјоделство. Со плаќање на заостанатите долгови за консултантски услуги за Проектот Јужно вардарска долина втора фаза, ја откочивме реализацијата на овој проект, кој е од витално значење за наводнувањето и со кој што ќе бидат опфатени 4.000 хектари за наводнување“, рече тој.
Почнат е процесот на инвентаризација, односно попис на шумскиот фонд.
„По втор пат после осум години извршивме авионско снимање на целата територија на Република Македонија, со што ќе се овозможи прецизна контрола од страна на Платежната агенција во однос на површините кои земјоделците ги пријавуваат за субвенции“, додаде Николовски.
Тој додаде дека интензивно се работи на промоција на извозот на македонските земјоделско-прехранбени производи.







