Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, денеска најави дека маалските полицајци се враќаат на подрачјето на СВР Штип со цел да се зголеми безбедноста на граѓаните.
„Безбедносната состојба на подрачјето на СВР Штип е мирна и стабилна. Денеска им дадов задача на началникот и неговите соработници да почнат со подготовка за реализирање на проектот за маалски полицаец и враќање на позорникарите на улиците на СВР Штип. Тоа ќе го направиме и во другите градови. Маалскиот полицаец е најдобар партнер со граѓаните и на тој начин заеднички ќе ја зголемиме безбедноста“, рече министерот Спасовски по посетата на СВР Штип и ПС Кочани.
На денешните средби во СВР Штип и ПС Кочани се разговарало и за условите за работа на полицајците и проблемите со кои се соочуваат.
Министерот Спасовски денеска оствари работни средби и со градоначалниците на Штип и Кочани, Благој Бочварски и Николчо Илијев.
„Соработката меѓу локалната самоуправа и секторите за внатрешни работи е многу важна ако сакаме да имаме безбедни градови“, рече министерот Спасовски.
Во наредниот период министерот Спасовски ќе ги посети и останатите сектори за внатрешни работи.







