Во соопштение до јавноста, Управата за финансиска полиција на Македонија информираше дека поднесе кривични пријави против три лица, за двајца поранешни директори на Агенцијата за филм и за претседател на Управниот одбор на оваа институција, поради постоење на основано сомнение дека сториле кривично дело „Злоупотреба на службена положба и овластување”.
Д.Б. и М.Ѓ.И. во својство на Директори на Агенцијата за филм, првиот во периодот од 25.12.2008 до 03.11.2015 година, а вториот од 03.11.2015 до 03.08.2017 година, спротивно на член 32 став 1 од Законот за филмска дејност од 2008 до 2016 година, со неизвршување на својата службена должност му овозможиле на лицето Д.Д., тогаш претседател на Управен Одбор на Агенција, спротивно на законите да учествува во реализација на 10 филмски проекти и на тој начин да прибави корист за себе во вкупен износ од 6.580.885 денари, и тоа преку продуцентските куќи: ТД Смалл Мовес ДООЕЛ Скопје, ТД Круг Филм ДООЕЛ Скопје, ТД Партизанс ДООЕЛ Скопје, ТД Сектор Филм ДООЕЛ Скопје и ТД Фрагмент Филм ДООЕЛ Скопје.







