Растат меѓународните притисоци за решавање на спорот меѓу Македонија и Грција пишува грчкиот весник Елефтерос типос. Во последното издание весникот ги анализира македонско – грчките односи на скоро три страници каде се наведува дека пред Самитот на НАТО во јули следната година, не е исклучена можноста да се зголемат меѓународните притисоци за решавање на долгогодишниот спор.
Во анализата весникот исто така го открива и ставот на американскиот амбасадор во Атина Џефри Пајат за поддршка на Грција и оптимизам за решавање на прашањето, Сепак весникот додава
„Не е исклучена можноста дел од силните европски држави членки на НАТО, а веројатно и Германија, да побараат во првата половина на 2018, да се обезбеди „ветување“, според кое Скопје прво ќе добие потврда дека ќе влезе во организацијата, а потоа, сѐ до нивната конечна интеграција, ќе се водат преговори за решавање на спорот со името.“ – наведува грчкиот весник и тврди дека за ваквото сценарио е согласен голем дел од властите во Грција, но официјална Атина е категорично против.“
Во меѓувреме пак грчкиот весник Real news неофицијално ги пренесува пораките на грчкиот премиер Ципрас во кои тој испраќа порака до Скопје да преземе конкретни чекори, за да има договор во прашањето за името и да може соседната земја да се интегрира, прво во НАТО, а потоа во ЕУ. Направете чекори кон взаемни прифатлив договор“ – му пренесува на Скопје, грчкиот премиер, бидејќи Атина, од владата на Заев очекува во пракса, а не на зборови да направи потези, за да може да започне суштински разговор во прашањето за името.
За истиот весник пак опозициската партија во Грција Нова Демократија упатува критики до коалициската влада во однос на прашањето за името . Василис Кикиљас од партијата во интервјуто бара од Ципрас и Каменос да си поднесат оставки доколку не успеат да се справат со прашањето.
„Со други зборови, ако господата Ципрас и Каменос не се согласуваат, нека си поднесат оставки. Нова демократија има јасна позиција, формирана во Букурешт: сложено име за севкупна употреба (ерга омнес) и решение на прашањето за името пред да започне процесот на интеграција на Скопје во НАТО.
На крајот на јануари се очекува да се одржи втората средба на Метју Нимиц, специјалниот претставник на Генералниот секретар на ОН за името со претставниците на Грција и Македонија. Не е исклучена можноста, Нимиц, да состави и конкретен предлог за името, пишуваат грчките весници, а ја спомнуваат и веројатноста за реферндум во Македонија, иако како што додаваат земјите како САД, Велика Британија, а особено Германија не посакуваат тоа да се случи поради „видливата опасност граѓаните да гласаат против“.
ИЗВОР: 24вести







