Фракцијата реагира на неекстрадирањето на Горан Грујовски и Никола Бошковски и бара од надлежените државни органи да стават крај на разградувањето на правосудниот систем
„Членовите на ВМРО ДПМНЕ – Демократска Фракција се вчудоневидени од молкот, леснотијата и волунтаризмот со кој политичката и судската власт во државата се однесува кон случајот со пребегнатите Горан Грујевски и Никола Бошковски.
Одбивањето на екстрадицијата на обвинетите поранешни високи функционери во МВР, од страна на Врховниот суд на Грција и неговото толкување на поништената аболицијата, патем се работи за аболиција заснована на укинат член од Законот, е дрско мешање во внатрешните работи на правниот и политичкиот систем на Република Македонија“, се вели во службеното обраќање на Демократска фракција која цени дека дополнително зачудува фактот што највисоките политичките власти на нашата држава, а во име на духот на доброседските односи, не реагираа на одлуката на грчкиот Врховен суд и не побараа меѓународна поддршка и испорачување на клучите играчи во процесот на незапаматеното кршење на човековите права на граѓаните на Република Македонија.
Од ВМРО-ДПМНЕ- Демократска фракција појаснуваат дека се работи за личности кои учествувале во масовно прекршување на човековите права и кои имале пристап до голем број државни тајни. Во фракцијата се на мислење дека Врховниот суд на Грција одлуката за неесктрадирање ја донел поради отстапени голем број прислушувани разговори и други државни тајни од страна на обвинетите, а со што се загрозува сигурноста и безбедноста на голем број македонски граѓани и дека повеќе од 20.000 прислушувани граѓани, во иднина, можат да бидат цел на грчките безбедносни и разузнавачки служби.
„Со овој чин, неекстрадираните и обвинети македонски граѓани сториле тешки кривични дела против државата: шпионажа, загрозување на независноста, саботажа, оддавање државна тајна и други и ОЈО е должно против нив, како и против нивните соучесници и помагатели во дејстијата да покрене нови кривични постапки.
Неразбирливо е како досега се уште на слобода се луѓето кои им помогнале да избегаат, почнувајќи од Врховните судиите кои им ја укинаа мерката притвор, оние кои биле логистика пред и за време на бегството како и нивните сегашни финансиски помагатели кои им се добро познати на јавноста и органите на прогонот“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ-Демократска фракција и приота се бара претседателот Ѓорге Иванов, премиерот Зоран Заев, претседателот на Собрането на РМ, Талат Џафери, членовите на Судскиот совет и другите органи адекватно да реагираат, но доколку тоа не се случи и тие ќе бидат соучесници во „отпочнатата постапка за разградување на правосудниот систем на државата“, бидејќи законите мора да важат подеднакво за сите.
Љубиша Станковиќ







