Поетесата Наташа Сарџоска, заедно со гитаристот и композитор Георги Шарески, кој живее и работи во Берлин, настапија на 19-от Меѓународен поетски фестивал во Берлин во Академијата за уметности на Германија. Нивниот настап беше осмислен по принципот на импровизација на мелодии и стихови.
И покрај тоа што Сарџоска настапуваше на македонски јазик, тие ја понесоа публиката со нивниот поетско-музички-сценски-визуелен перформанс во кој поезијата на Сарџоска се инспирираше и дополнуваше од акордите и од ритамот на музиката на Шарески. На крајот на својот перформанс, Сарџоска и изведе краток танц проследен со визуелни ефекти и авторска музика на Шарески.
На истата поетска вечер во рамките на фестивалот, под наслов „Студио Европа“, свои стихови читаа и поетесите Бронка Новицка од Полска, Натали Ронво од Луксембург и Сандеп Пармар од Велика Британија.
Наташа имаше можност и да ја сними својата поезија на македонски јазик во рамките на меѓународниот проект „Лириклајн“ на „Хаус фур поези“, на која се присутни многубројни поети и јазици низ светот меѓу кои и врвни македонски поети. Нејзините стихови беа за овој повод и препеани на германски јазик.
Годинава, ова е нејзин втор меѓународен настап, по поетската визита во Македонскиот културен центар во Софија во организација на книгоиздавателството „Макавеј“, а поддржано од Министерството за култура на Македонија.







