Зетот на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и нов министер за финансии на таа земја Берет Албајрак денеска изјави дека Турција продолжува со трендот на силен економски раст и дека темелите на нејзината економија се силни.
„Економијата на Турција го продолжува трендот на силен раст. Нашите економски темели ќе бидат јаки, а нашите изгледи ветувачки“, рече тој, извести турската новинска агенција Анадолија.
Загриженоста по прашањето на независноста на Централната банка на Турција порасна откако Ердоган за министер на финансии го именуваше својот зет, зголемувајќи ги очекувањата дека претседателот – самопрогласениот „непријател на каматните стапки“ – ќе се обиде да оствари поголемо влијание на монетарната политика, пренесува Ројтерс.
Албајрак кој моментно се наоѓа во Аргентина на самитот на Групата 20 најразвиени економии на светот (Г20) објасни дека скорешната политика на владата има за цел одржување на разумна фискална политика, здрав раст на кредитите, спроведување на структурните реформи и јакнење на рамките на монетарната политика на Турција.
Агенцијата Анадолија наведува дека турската лира падна оваа година губејќи петина од својата вредност спрема американскиот долар, поради загриженоста по прашањето на способноста на Централната банка да го ублажи растот на двоцифрената инфлација, а Ердоган во повеќе наврати повика на снижување на каматите.







