Во преговорите со американскиот претседател Доналд Трамп влегувам многу самоуверено и цврсто ќе ги бранам интересите на Европската унија, изјави претседателот на Европската комисија Жан Клод Јункер.
„Ние не седиме на обвинителна клупа. И затоа не мислам дека од нешто мораме да се браните“, изјави Јункер за германската ЗДФ телевизија.
Тој изрази надеж во смирување на ситуацијата и воздржување од воведување на нови царини и истовремено најави и мерки во случај на еднострани потези од Вашингтон.
„Ако дојде до воведување на царини за автомобили, тогаш Унијата мора да посегне по контрамерки. Ние сме во состојба да одговориме со соодветни мерки“, рече Јункер и додаде дека се надева дека до тоа нема да дојде.
Тој реагирајќи на изјавата на Трамп дека ЕУ е непријател на САД кога е во прашање трговијата, рече дека Унијата не е на листата на непријатели.
„Го познавам гопсодинот Трамп релативно добро. Често се сретнувавме и знам како со него треба да се постапува. И знам како тој со другите постапува. Но, тоа ќе биде разговор на исто ниво“, изјави Јункер.
Резултатот од разговорите го остави „потполно отворен“, но изрази благ песимизам.
„Не сум претеран оптимист“, рече Јункер и додаде дека најважно е да се избегне трговска војна.







