Во пожарите кои последните недели ја опустошија Калифорнија загинаа 63 луѓе. Иако пред три дена се зборуваше за тоа дека бројот на исчезнати е 100 лица, прогнозите набрзо станаа исклучително лоши. Имено, во четвртокот бројот на исчезнати се искачи на преку 300, додека Си-Ен-Ен вчера јави дека бројката е над 600 луѓе.
Спасувачите кои се на терен и кои бараат преживеани се надеваат дека поголем дел од тие 600 ќе ги пронајдат живи.
„Голем број на луѓе морале да заминат од своите куќи, а многу од нив и не знаат дека ги бараме“, рече шерифот од округот Буте, појаснувајќи зошто, според него, дошло до таков голем скок во бројот на исчезнати.
Како што јавува Си-Ен-Ен, од ден на ден доаѓа до големи промени во списокот на исчезнати. Тоа се случува затоа што се преслушуваат повиците кон телефонскиот број 911 на Службата за итна помош, што потоа се споредува со изјавите на семејствата кои пријавиче исчезнување на свои членови. Моментно властите трагаат по 631 лице кои се водат како исчезнати.
„Морате да сфатите дека ова е динамичен попис. Некои денови ќе има помалку луѓе на листата, некои денови ќе ги има повеќе. Но, јас се надевам дека на крајот на потрагата ќе ги пронајдеме сите исчезнати“, рече шерифот.
На терен е американската Национална гарда чии припадници ги прегледуваат изгорените домови и автомобили во потрага по исчезнатите.
„Ќе ги пребараме изгорените возила и ќе ги провериме сите куќи и двопровите околу нив. Нашата мисија е да ги пронајдеме жртвите од овој пожар, а потоа и да ги идентификуваме и да ги известиме нивните семејства“, рече истражителот од канцеларијата на шерифот Стив Колинс.







