Министерството за правда го објави нацртот на предлог-законот за СЈО со кој се менуваат неговите надлежности. Отсега, освен што СЈО ќе може да истражува и гони кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на неовластеното следење на комуникациите извршени во периодот меѓу 2008 и 2015 година, во иднина ќе може да гони и повисоки функционери во законодавната, извршната и судската власт.
Со предложеното решение, СЈО ќе може да истражува и гони кривични дела извршени од претседателот, поставените амбасадори и други претставници во странство и именувани лица од претседателот, избрани или именувани функционери во и од Собранието, во и од Владата, во судовите, јавното обвинителство, Судскиот совет, Советот на јавните обвинители и избраните градоначалници на единици на локалната самоуправа и Град Скопје.
Се предвидува и надлежност за прогон СЈО да има за кривични дела извршени од одговорни лица во политички партии против изборите и гласањето, како и од областа на животната средина и природат, културното наследство и природните реткости, јавните финансии, платниот промет и стопанството, вооружените сили, службената должност, неовластеното оддавање информации и податоци за сведоците и други ако овие дела се сторени во врска со постапки кои ги води Специјалното јавно обвинителство.







