Јавното сообраќајнио претпријатие „Скопје“ ги демантита написите во одделни медиуми за бројот на лица кои ќе бидат вработени, како и за начинот како ќе се избираат кандидати по етничка застапеност. Од ЈСП велат дека информациите изнесени во текстовите се засновани на парцијални и нестручни толкувања на годишниот план или повикувајќи се на наводи изнесени од страна на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Град Скопје и од политичката партија ВМРО-ДПМНЕ.
„Во ЈСП Скопје годинава нема да се вработат 233 лица по етнички клуч, ниту до крајов на годинава бројот на вработени ќе достигне 1.478… Согласно Годишниот план за вработување за 2019 година, ЈСП има планирано 170 нови вработувања, од нив 116 Македонци, 32 Албанци, 11 Роми, 6 Срби, 1 Бошњак и 4 други. За годинава се планирани 60 пензионирања. Вработени 1.478 би имало во случај ако во 2018 година сме оствариле 233 вработувања, што не е реализирано. Моментно во претпријатието се вработени 1296 лица, од нив 60 се планирани пензионирања и доколку се остварат сите 170 вработувања за годинава, тогаш, до крајот на 2019 година бројот на вработени би изнесувал 1406“, се наведува во писмената реакција од ЈСП.
Од таму се децидни дека серијата текстови во одделни медиуми на темата вработувања, како и на разните инсинуации и наводни скандали, нема да бидат причина актуелното раководство да потпадне под нивен притисок.
Напротив, велат, сето ова било причина плус уште повеќе да зајакне посветеноста во менаџирањето на претпријатието од страна на актуелното раководство.







