Премиерите Заев и Ципрас и нивниот Преспански договор како модел за решавање на спорови, се во фокусот на Минхенската безбедносна конференција. На панелот за иднината на Западен Балкан, Заев рече дека зборуваме за регион кој се менува, станува сѐ повеќе европски и праќа позитивни пораки за другите. Зборувајќи за Преспанскиот договор, опиша дека низ процесот доминирала добрата политичка волја.

„Низ процесот инсистиравме дека не зборуваме за црвени линии, се договоривме тие да бидат исклучени. Рековме дека нема да го затвориме процесот во кутија од црвени линии, изјави Заев.
И тој и јас изгубивме политички поени, но го правиме ова за следната генерација. Брзо ќе ги вратиме тие политички поени, нашите граѓани брзо ќе ги видат придобивките. Им го посветуваме Договорот на младите генерации за нивната иднина, вредеше, рече премиерот.

„Владеењето на правото мора да биде беспрекорно, борбата против корупцијата, промените во јавната администрација и безбедносниот систем. На добра насока сме и се надеваме дека на јунскиот самит конечно, по 15 години ќе добиеме датум за почеток на преговорите со ЕУ, додаде.

Ципрас изјави дека историјата не ја пишуваат тие кои шират страв, туку храбрите кои создаваат решенија за генерациите што доаѓаат. Двајцата премиери се добитници на наградата „Евалд Фон Клајст“ за придонес за мирот и безбедноста и афирмација на принципите на трансатлантската Алијанса.

Претходно, германската канцеларка Меркел им оддаде признание за нивната храброст да го надминат повеќедеценискиот спор, што ѝ овозможи на Република Северна Македонија да влезе во НАТО.
Договорот го коментираше и шефот на руската дипломатија Лавров, кој повтори дека Москва не се мешала во проблемот со промената на името на Македонија.
Во Минхен, Заев на повеќе билатерални средби добил потврда на поддршката за европските аспирации на земјава.
На панелот за проширувањето на НАТО, министерката за одбрана Радмила Шекеринска изјави дека со влезот на Северна Македонија се решава едно од најважните безбедносни прашања во регионот. Таа имаше билатерални средби со колегите од Италија, Германија, Финска и Холандија кои ја потврдиле соработката во одбраната и безбедноста.







